Од талентираното руско студио Hungry Couch доаѓа игра која од петни жили се труди да интегрира што е можно повеќе жанрови. Black Skylands е акциона авантура во отворен свет, но исто така е и шутер со бројни sandbox механики.
Играјќи со Ева, ќе започнете неуморна битка против застрашувачкиот вид Swarm низ стотици острови. Користејќи арсенал од оружја, битките ги водите на копно или во воздух. Во случај на воздушно истражување и пресметки, имате на располагање skyship кој го уредувате до бесвест и според начинот на кој сакате да играте, односно дали сакате полесно да се движите или да имате повеќе простор за товар или подеструктивни оружја.

Како игра која е во раниот пристап и на која допрва треба да се работи, Black Skylands остава впечаток на комплексно и длабоко исполирано пакетче од интерактивна забава, до таа мера, да на почеток можете да почувствувате вистинска анксиозност од бројните механики. Имено, потребно е да градите, проширувате и штитите воздушна база. За такво нешто, потребно е собирање ресурси, градење структури за максимална екстракција на истите, како и користење работни станици за надградби на вашите офанзивни и деструктивни асети. Да не ни зборуваме за лаборатории во кои создавате моќни артефакти, како и градини во кои садите најразлични работи. Ќе ви биде опростено доколку во овој момент помислите на Stardew Valley, но таквата компарација е површна и набргу ќе дојдете до заклучок дека Black Skylands е целосно ново, уникатно и различно животно кое независно стои на цврсти темели.

Од неколкуте часови дружење со Black Skylands бевме апсолутно импресиони од комплексниот свет кој се распространува низ шуми, планински места, џунгли и слични егзотични места. Во ниеден момемент, не се разочаравме од приказната која е сè само не генерична. Начинот на кој се откриваат работи и формираат дијалози постојано поттикнува понатамошно истражување и сведочи за тони вложен труд, љубов и, пред сè, талент. Слично на концептот воведен со Far Cry игрите, во Black Skylands е потребно да ослободувате територии и да ја раздлабочувате моќтта на вашата фракција преку откривање ликови и негување сојузи. Ваквото истражување е пропратено со неколку слојни награди и секоја ослободена територија ветува можности за откривање нови ресурси, истражувања и механики.

Како што кажавме, Black Skylands е игра во ран пристап, но веќе нѝ се закануваат главоболки кога помислуваме на кој начин уште ќе се проширува играта. Мултикомплексно остварување кое од срце го препорачуваме на сите ретро фанатици кои со задоволство запливуваат во водите на хибрид жанрови.