Минатата недела Apple ги претстави надградените верзии на 13 и 15 инчни MacBook Pro компјутери.
Еден од деловите кои се надградени, но не беа во фокусот, е тастатурата. Ова и не е толку неважно, имајќи предвид дека претходната верзија имаше проблеми со тастатурите кои се расипуваа.
Промените на тастатурата прв ги забележа iFixit, додека ја правеа својата рецензија на уредот. Она што е променето е дека тастатурата сега е покриена со силиконска прекривка која ги спречува и микрочестичките да ја нарушат работата.
Компанијата е во групна тужба поради проблемите со новите „пеперутка“ тастатури. Во 2017 година компанијата го промени дизајнот, а копчињата по оваа надградба станаа значително понежни. На тастатурите им пречи и мала прашинка и тие престануваат да функционираат, велат тужителите. Она што е проблематично е тврдењето дека компанијата знаела за дефектот уште пред да почнат да ги продаваат компјутерите.
Како промената на дизајнот ќе влијае на тужбата не е потполно јасно. Но, можно е тужителите да се обидат и да го искористат редизајнот како доказ дека нешто не е во ред со тастатурите.







