По повеќегодишни подготовки Reddit оваа недела и официјално поднесе документи за излегување на берза.
Во документите кои ги поднесе Reddit до комисијата за хартии од вредност се наведува заработка од 804 милиони долари во минатата година, значителен раст во споредба со 667,7 милиони долари колку што заработија во 2022 година. Сепак, ова е само дел од приказната. Покрај заработката од 804 милиони долари, Reddit не успеа да оствари профит во 2023 година. Компанијата забележи загуба од 90,8 милиони долари.
Reddit можеби нема заработка како останатите големи друштвени мрежи, но имаат активна заедница. Платформата има над 100 000 активни заедници, 1 милијарда објави, и 267,5 милиони активно корисници неделно. Дополнително, во последното тримесечје на 2023 година Reddit забележа максимална заработка од 249,8 милиони американски долари и оствари профит од 18,5 милиони долари.
Благодарение на инвестициите пред да излезе на берза Reddit е проценет на 10 милијарди долари. Сепак, вистинската вредност на компанијата ќе ја видиме откако компанијата ќе излезе на берза.

Она што е необично и супер интересно е дека платформата ќе „резервира“ 75 000 акции за своите корисници. Овие акции ќе може да бидат купени уште пред да започне продажбата на акциите на берза. Ова вообичаено се прави единствено за големи инвеститори, пишува TechCrunch.
Поднесените документи до Комисијата покажуваат и дека директорот на Open AI Сем Алтман поседува 8,7 отсто од Reddit. Директорот и соосновач на Reddid Стив Хафмен поседува 3,3 отсто од акциите на платформата.
Reddit најави соработка со Google за тренирање на Gemini
Речиси истовремено со веста за поднесување на документите до Комисијата за хартии од вредност Reddit и Google објавија дека податоците од Reddit ќе се користат за тренинг на вештачката интелигенција на Google. Договорот „тежок“ 60 милиони долари ќе му овозможи на Google поефикасен пристап до податоците за тренирање на вештачката интелигенција.
Компанијата за пристап до податоците за тренирање ќе може да го користи API-то на Reddit. Благодарение на ова вештачката интелигенција на Google ќе може да ги обработува податоците веднаш, како што се додаваат. Дел од договорот ќе го опфати и Vertex AI на Google. Алатката која овозможува подобрување на пребарувањето ќе биде достапна на Reddit.
Во јуни 2023 година Reddit направи промени, го затвори пристапот до API-то и додаде прилично висока цена за сите кои сакаа пристап. Како последица на ова најголемите заедници протестираа и ги затворија своите форуми. Директорот на Reddit Стив Хaфмeн, објави дека навистина имаат купишта вредни податоци, но не може некои од најголемите светски компании да имаат бесплатен пристап додека компанијата има загуби.
Најголемиот светски пребарувач наскоро ќе додаде филтер за форуми кои ќе им овозможи на корисниците да филтрираат содржина генерирана од корисници на најголемите платформи како Reddit или Stack Overflow.