Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година предизвика значителна пресвртница во модерниот свет. Над 14 милиони луѓе, речиси една третина од населението на Украина, беа принудени да ги напуштат своите домови поради конфликтот, семејствата беа разделени, децата ги загубија своите домови, а заедниците беа опустошени – ова се само дел од последиците што војната ги имаше врз украинската држава и нејзиниот народ.
Две години подоцна, технолошкиот екосистем на земјата сè уште стои непоколебливо и, како таков, е еден од темелите за заживувањето на украинската економоја. Иако ситуацијата останува напната, во изминатите две години се забележува зголемен број на меѓународни партнерства, инвестиции и иновации во форма на многу производи и услуги. На крајот, сите од нив ќе одиграат клучна улога во обновата на технолошкиот сектор на Украина.

Во текот на овој процес, ИТ компаниите и стартапите играат клучна улога, предводени од основачите и претприемачите.
Бизнис како и обично и повеќеслоен пристап за континуиран раст на екосистемот
Олег Панченко е украински претприемач и сопственик на стартапите FreySoft, Freystaff и MakeDeal. Во текот на изминатите две години, Панченко се стремеше да биде во првите редови за одржување и поттикнување на најразлични технолошки иницијативи.
Според Панченко, клучот за одржување и развој на екосистемот на Украина лежи во повеќеслојниот пристап.
„Иновациите мора да се во сржта на нашите стратегии. Тоа значи поддршка на стартапи, прифаќање на ризикот и обезбедување пристап до капитал. Владините политики и меѓународните партнерства ќе играат клучна улога во обезбедувањето на потребната средина за технолошки раст. Многумина веќе создадоа различни иницијативи за подобро да го поддржат овој раст“, објаснува Панченко.
Згора на тоа, во текот на изминатите две години тој исто така беше сведок на забележлив тренд каде компаниите кои специјализираат во нудење услуги ќе преминат кон бизниси кои се фокусираат на производи.

„Оваа промена вклучува развој на експертиза во специфични ниши кои обезбедуваат значителна додадена вредност за бизнисите. Искористувањето на ваквата можност со фокусирани специјализации може да ги поттикне украинските технолошки компании да си го најдат местото во првите редови на глобалните пазари“, посочува тој.
Компанијата за развој на софтвер за macOS и iOS, со седиште во Киев, MacPaw, веќе некое време ги прифаќа таквите трендови со раширени раце – во текот на втората година од целосната инвазија, MacPaw продолжи со своите операции, со лансирање на нов оддел за сајбер безбедност Moonlock. Како уште една значајна пресвртница, компанијата отвори и нова канцеларија во Бостон.

„Во текот на изминатите две години работевме на зајакнување на нашата отпорност на потенцијални закани и обезбедување на долгорочна стабилност на работењето на компанијата. Компанијата даде приоритет на спроведување на сеопфатен систем за управување со ризик. Оваа иницијатива не е само за предвидување на ризиците, туку и за создавање на проактивна рамка за директно управување со овие предизвици“. компанијата изјави за IT Logs.

Дополнително, како клучен дел од стратешкото обновување на компанијата, постои план за континуитетот на бизнисот. Имено, системот е дизајниран да гарантира дека MacPaw може да ги одржува своите операции под различни сценарија за итни случаи.
„Претходната година беа истакнати нови потенцијални ризици поврзани со континуираното работење на нашиот бизнис, како што се прекините на струја. Ова е една од причините зошто создадовме детални акциони планови за тимовите, осигурувајќи се нашите локации да се добро опремени со потребната технологија и ресурси за да можат беспрекорно да продолжат со работа за време на прекини на електрична енергија. Обезбедивме преносливи генератори на сите специјалисти на компанијата. Исто така, им овозможуваме на поединците да останат поврзани и да работат од дома за време на енергетски прекини“, додаваат од компанијата.

Водени од претходното искуство
Војната и условите во кои работат технолошките стартапи и компании, исто така, им одржаа многу лекции на украинските претприемачи. Иако некои од овие лекции беа сурови, сепак успеаја да донесат и вредни сознанија.
„Го разбравме концептот за децентрализација и глобализација уште од КОВИД-19. Односно, големата војна допринесе да направиме сериозни прилагодувања на нашата визија за пазарот. Иако нашиот украински ИТ сектор сè уште привлекува клиенти од целиот свет со својот квалитет, во исто време гледаме значителен одлив на инвеститори од 2023 година. За многу клиенти (особено стартапи) стана тешко и да добијат одобрение од инвеститорите за соработка и да ангажираат тим од Украина за работа од далечина“, вели Виктор Тимченко, глобален шеф за испорака на Digicode, европскиот оддел на глобална компанија за професионални услуги кој специјализира за консалтинг и софтверско инженерство.
За Олександр Соловеј, извршен директор и ко-основач на алатката за управување со готовински текови Finmap, минатата година беше и година кога стартапот обезбеди финансирање од еден милион евра. И оваа инвестиција дојде по многу почетни предизвици кои компанијата мораше да ги надмине – а еден од нив беше и тоа што ко-основачот Иван Каунов беше активен на бојното поле уште од самиот почеток на војната.

„Изгубивме 90 проценти од нашите приходи. На самиот почеток на војната, нашиот со-основач отиде на бојното поле, а ние многу интензивно ги преобликувавме сите деловни процеси што ги водеше тој. Јас, како со-основач и извршен директор, ја преземав одговорноста за сите процеси“, вели Соловеј во изјава за IT Logs.
Сега, стартапот е цврсто фокусиран на извршување на својата стратегија за раст.
„Почнавме да правиме многу работи на начин на кој никогаш досега не сме ги правеле. Нашите пристапи станаа значително поразлични. Направивме различни работи и во текот на оваа година, имајќи го предвид дека главниот предизвик беше да продолжиме да растеме и да бараме најефикасен начин за менување на нашите пристапи“, вели Соловеј.
Пред нејзините потфати во технолошката индустрија, Дана Сидоренко служеше како болничар во украинската армија од 2014 до 2015 година. Нејзината страст да ги зближува луѓето и да има искуство како во полето на игрите, така и во класичниот бизнис, допринесе да го ко-основа гејминг стартапот GameTree во 2019 година.

Најголемиот предизвик со кој се соочи GameTree во изминатите неколку години беше како да допринесе до раст и како да развива производи во услови на целосна нестабилност и непредвидливост предизвикана од војната.
„Сите членови на тимот, дури и оние кои беа надвор од Украина, чувствуваат длабока поврзаност со тоа што се случуваше. Војната сепак игра голема улога во нашите животи и во секојдневните разговори што ги водиме. И покрај тоа што поголемиот дел од тимот работи во услови на висока морална напнатост, тие сепак продолжуваат да ја извршуваат нивната работа не со 100%, туку со 200% ефикасност, првенствено затоа што не сакаат да ја изневерат компанијата во толку тешко време. Војната ја тестираше нашата приспособливост и издржливост како поединци и тимови“, изјави Сидоренко за IT Logs.
Сега, плановите на GameTree се вртат најмногу околу стратегијата, а не тактиката. „Научивме да имаме многу флексибилен патоказ за да можеме брзо да се приспособиме и брзо да реагираме. Војната нè научи на некои техники кои ни помогнаа да се движиме без да ја контролираме ситуацијата“, истакнува таа.
За Дмитро Зарахович, ко-основач и управен партнер на techfin компанијата IGAMA.tech, главната лекција кој ја има извлечено од 2023 година е флексибилноста.
„Настаните од последните неколку години различно влијаеја врз нашата компанија: научивме брзо да се прилагодуваме на промените и да гледаме на предизвиците како можности за раст. Главната лекција беше способноста да бидеме флексибилни во нашите операции и способноста брзо да се преориентираме како одговор на надворешните влијанија“, вели тој.
Технолошкото образование како клучна точка на пресврт
Кога станува збор за технолошко образование во државата, една од најважните институции е неодамна формираниот универзитет СЕТ. Универзитетот започна со работа во полн обем само два месеци пред почетокот на војната. Од тој аспект, тешко е, а да не се мисли дека целата приказна на универзитетот е тесно поврзана со војната.

„Кога започна инвазијата, ги променивме нашите планови да започнеме големи програми и се фокусиравме на тоа да правиме работи „овде и сега“, се со цел да помогнеме на земјата и на луѓето кои останаа без работа. Така, ги започнавме нашите први бесплатни курсеви за сајбер безбедност. Ние бевме меѓу првите што ги научивме луѓето веднаш по почетокот на војната; за само неколку недели добивме преку 5000 барања за приклучување кон курсот“, изјави за IT Logs претседателката на Универзитетот СЕТ, Ирина Волницка.
Со повеќе од 10 години искуство во управување со тим во технолошкиот сектор, како и со искуство во деловен консалтинг, Волницка го прифати предизвикот да ја води организацијата. Идејата зад универзитетот беше да се создаде првиот иновативен универзитет во Украина каде образованието ќе се фокусира на технологијата и претприемништвото.

Како што нагласува таа, војната не ги спречила; туку само уште повеќе им покажала дека тоа што го прават е од исклучителна важност.
„Сè што правиме на универзитетот е за зајакнување на украинската технолошка сцена. Ние ги учиме луѓето не само како добро да кодираат, туку и како да направат успешни технолошки бизниси и производи, и како резултат на тоа, тоа ќе помогне да се поддржи украинската економија, да се привлечат повеќе инвестиции и да се отворат повеќе работни места. Сега имаме магистерски програми, кратки курсеви и точно знаеме како да го истакнеме нашиот уникатен концепт на програми за диплома“, додава Волницка.
Според неа, додека фокусот често се врти околу теми како војна, финансии, бизниси и приказни за постигнување успех и покрај тековните предизвици, образованието се чини дека не привлекува многу внимание, како да не се смета за пресудно или фасцинантно.

„Сепак, сакам да истакнам дека квалитетното образование е најважно. Без училиштата и универзитетите кои привлекуваат паметни и талентирани Украинци, нема да има основа за обнова и на нашата економија и на целокупната држава. Тековниот одлив на интелектуалци со кои се соочуваме е значаен. Што поради КОВИД, што поради двегодишната војна јасно е дека образованието страда. Сево ова објаснува зошто сум длабок ентузијаст за концептот на Универзитетот СЕТ“, објаснува Волницка.
На прашањето за што денес најмногу се интересираат украинските студенти во областа на технологијата, таа вели дека одбранбената технологија е една од областите што е најпривлечна.
„Исто така, поради војната, луѓето кои порано работеа во аутсорсинг компании сега се повеќе сакаат да смислуваат свои производи, па учат нови предизвикувачки вештини. Се трудат многу за да произлезат со соодветни знаења и корисни способности. Интересот на нашите студенти се поклопува со интересот на целиот свет – голем дел од нив се супер возбудени за вештачката интелигенција“, вели Волницка за IT Logs.
Што носи иднината за технолошкиот екосистем на Украина?
За самите украински ИТ професионалци, изминатите две години значеа напнатост, загуба, чувство на недоволно работење, а исто така и бројни непроспиени ноќи и бројни работни часови во засолништата за бомби.
За ПР менаџерот Валерија Саливанчук од Киев, работата во такви услови е секојдневно искуство. Овие две години, исто така, ја покажаа секојдневната издржливоста и сила на Украинците, особено на оние кои работат во ИТ секторот, вели таа.
„Оние Украинци што останаа овде се полни со верба и имаат многу длабоко разбирање за тоа што прават и зошто го прават тоа. Големите градови зборуваат за настани за мрежно поврзување и можности како boot кампови. На пример, влегувајќи во UNIT City, најголемиот парк за технолошки иновации во Источна Европа во Киев, можете да го почувствувате енергичниот и оптимистички дух на технолошката заедница. Во една зграда се развива Ajax, во друга стартапи, а во трета се работи на Brave1. Сево ова додека се организираат и пречекуваат делегации и се обезбедува офлајн настани за студентите од универзитетот СЕТ“, изјави Саливанчук за IT Logs.
Ваквите случувања неизбежно се поврзани со прашањето што носи иднината за украинскиот технолошки екосистем. Според Панченко, самиот одговор лежи во технологиите кои се однесуваат и на потребите создадени од инвазијата на Украина и на глобалните технолошки трендови.

„Воената технологија, сајбер-безбедноста, технологиите за работа на далечина и е-трговијата се области каде што моменталниот напредок е од клучно значење. Сепак, долгорочниот раст на технолошкиот сектор во Украина лежи во прифаќањето и водечките иновации во вештачката интелигенција, машинското учење и одржливите технологии. Ова не се само трендови, туку потреби што ќе ја обликуваат иднината на нашиот технолошки пејзаж“. Заклучува Панченко