Stardiver е sci-fi авантура во која истражувате најразлични водени длабочини со вселенски брод, откривајќи тајни за минати цивилизации и идни предизвици. Со релаксирачката музичка подлога и преубаво осмислените подводни пространства, Stardiver остава впечаток на игра која припаѓа на cozy walking simulator жанрот. 20-те мисии, меѓутоа, ве соочуваат и со загатки и предизвикувачки суштества. Колку е добро реализирано сето тоа?
Откако ќе научите како да се движите низ водените длабочини преку корисниот туторијал, ќе започнете да го истражувате светот и да се восхитувате на богатата флора и фауна, станувајќи лесно заинтригинани од рушевини на некогашни цивилизации. Вашата цел е да пробате да дознаете што е можно повеќе за светот околу вас и да соберете корисни ресурси. Таквото нешто нема да е без предизвици и набргу ќе навлезете и во адреналински битки каде избегнувате напади преку нагло тркалање на лево – десно. Вашиот брод не е добар само за истражување, туку и за користење најразлични оружја.
Некои од локациите се одлично дизајнирани, со бројни невообичаени визуелни детали кои допринесуваат до преубаво подводно искуство. Некои места, меѓутоа, се одликуваат со нафрлани елементи само колку да се пополни празниот простор. Не помага ни тоа што, по одредено време, многу визуелни елементи се повторуваат, принудувајќи да се чувствувате како да се вртите во круг од неинспиративни водени пространства. Дополнително, имаме впечаток дека енџинот никако не ја оправдува хардверската побарувачка. Иако фрејмовите не паѓаат под 50FPS, често скокаа де над 60 де испод 60, што, по одредено време знае да го загрози искуството.
Дополнителни проблеми имавме при управувањето со бродот. Често камерата знаеше да биде тврдоглава, да одбива послушност и да ни го покажува спротивното од она што сакавме да го видиме. На бројните површини има минерали кои можете да ги кршите со ласер, а потоа да ги собирате. За да ги скршите потребно е да им се приближите, но лесно можете да удрите во дното и да одлетате неколку метри во висина, целосно пркосејќи се и на физичките закони и на забавниот елемент. Покрај ова, одредени вртоци се тешко забележливи и често ни се случуваше да бидеме вовлечени во нив и однесени во спротивниот правец од посакуваниот.
Ни со битките не бевме премногу импресионирани. Непријателите се движат со огромни брзини на сите можни страни и се неверојатно прецизни со нивните проектили. Во тие ситуации точно се гледа колку е проблематично управувањето со бродот, нишанењето и пукањето. Се работи за крајно едноставен систем за битки кој се чини непотребно искомплициран од лоши контроли и прецизната бруталност на непријателите. За жал, не ни беа премногу забавни таквите пресметки. Ниту новите оружја и мини не помогнаат премногу во разбивање на монотонијата, или олеснување на фрустрациите. Се надеваме дека вие ќе имате повеќе среќа со играта.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Green Planet Games
- Издава: Green Planet Games
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 12 септември 2024
Me potsekja mnogu na Subnautica!
Здраво Mors, дефинитивно потсетува на неа, ја имаш ли играно и Below Zero?