Новиот гејминг лаптоп од Razer, Blade Pro, доаѓа со топ спецификации, и како се од Razer – со луда цена.
Хардверот не само што е претерување туку е „вистинско чудовиште“. Blade Pro доаѓа со 17.3-инчен екран со 4К резолуција (3840х 2160) и Nvidia G-Sync, како и 100% Adobe RGB опцијата за корекција на боја. Ако ова не ви е доволно, треба да знаете дека прегледноста на мониторот е со прегледен агол до 170 степени.
Процесорот е од 6-тата генерација на Intel, Core i7-6700HQ, машината има 32GB RAM и диск SSD во RAID 0 PCIe M.2 до 2TB. Се разбира ниту еден гејминг лапотоп не е комплетен без графичка картичка. Blade Pro доаѓа со најмоќната картичка во моментов, GTX 1080. За потсетување, новите графички на Nvidia за лаптоп сега се подеднакво моќни како и десктоп верзиите.
Доколку во иднина корисникот сака да прилучи помоќна графичка карта, може да го направи и ова преку надворешен приклучок. Дебелината на лаптопот е нешто над 20 милиметри, а целиот уред тежи 3,5 килограми. Секако дека лаптопот е и спремен за виртуелната реалност.
Ако ова не е доволно, лаптопот доаѓа и со механичка тастатура, опремена со Razer Chrome Lighting со вкупен спектар на 16.8 милиони бои, опција која дополнително има свое SDK кое девелоперите на игри можат да го искористат за да означат кои се копчињата за крв, кои за мана, статус и сл. Изненадување е поставувањето на тачпадот. За разлика од сите лаптопи, тачпадот на Blade Pro е поставен десно од тастатурата. Најголем дел од корисниците ќе треба да се привикнат на ова, иако локацијата е на местото каде најчесто го користиме компјутерското глувче.
Razer Blade Pro ќе биде достапен во ноември, а цената е неверојатни 3.700 US долари.