Доколку ви се допадна престојот во Borderlands 4, наскоро ќе можете одново да му гостувате на откачената планета благодарение на првиот голем додаток. Mad Ellie and the Vault of the Damned ќе излезе на 26 март и ќе воведе мрачна, космичка хорор атмосфера сместена во студените предели на The Whispering Glacier. Овде, ќе ја имате уникатната задача да соработувате со Ели и да го уништите вонземскиот монолит. Успејте во целта и ќе можете да пристапите до проколнатиот трезор кој крие до сега невиден плен.

Што друго ќе најдете во Mad Ellie and the Vault of the Damned:
- Нов херој: C4SH, поранешен робот за казино кој користи магичен шпил карти и механики базирани на ризик.
- Нова локација: Замрзнатите пространства на The Whispering Glacier, исполнети со космички хорор елементи.
- Опрема и предизвици: Нови непријатели, два главни боса, ретко оружје и подобрен систем за прогресија на карактерите.
Освежителен и динамичен пристап кон борбениот систем
Воведувањето на новиот херој за играње, C4SH е една од најдобрите работи за оваа DLC. Се работи за поранешен казино-робот кој преку мистериозен шпил карти добива непредвидливи моќи, менувајќи го својот стил на борба преку механики базирани на веројатност и ризик. Неговите уникатни вештини ќе ви овозможат да извлекувате карти за да активирате моќни напади. Покрај новиот лик, студената локација крие и иновативни предизвици, вклучувајќи сложени загатки, уништување на биолошки маси за отклучување тајни зони и сосема нов систем на случајни борби со босови преку интеракција со мистични објекти во околината.

Нови босови, оружја и изгледи
Осмелете се да навлезете во студените предели и ќе се соочите со дезертерите од легијата DAHL, како и со агресивните суштества Kraggons. Покрај ова, ќе си ги одмерите силите и со два главни и шеснаесет помали босови. За успешно совладување на овие закани, експанзијата нуди екстремно ретко и легендарно оружје, како и бројни козметички додатоци и модификации за класите. Истовремено, со излегувањето на додатокот, основната игра ќе добие значајно ажурирање кое овозможува споделен напредок помеѓу различни карактери.

Mad Ellie and the Vault of the Damned се залага да понуди интригантен спој на мрачна естетика и иновативни механики. Да се надеваме дека авторите ќе успејат да ги воведат сите барани промени и да ја вратат старата слава на овој серијал. За повеќе информации, останете со it.mk







