John Carpenter’s Toxic Commando e љубовно писмо до сите фанови на World War Z и Left 4 Dead серијалот. Како најнов обид во жанрот на кооперативни FPS игри, играта нуди брзо и адреналинско искуство кое потсетува на акциите и хорорите од осумдесеттите години на минатиот век. Но, покрај ваквата естетика, што друго можете да најдете во чедото на Saber Interactive?
Клучни карактеристики:
- Интензивна кооперативна акција: Поддршка за до 4 играчи со целосен crossplay.
- Масивни орди на непријатели: Употребата на Swarm Engine (како кај WWZ) овозможува симултано прикажување на илјадници непријатели на екранот.
- Борба базирана на возила: Наоѓањето, надградувањето и користењето на различни возила е клучно за транспорт и преживување.
- Тактичка одбрана на бази: Собирање ресурси низ нивоата за поставување на минофрлачи, стапици и автоматски одбранбени кули.
- Класен систем и мета-прогресија: Различни класи со уникатни способности и исполнителен систем за надградба на оружјата

Ритамот на осумдесеттите
John Carpenter’s Toxic Commando се одликува со приказна која е сместена во блиската иднина и следи катастрофален научен експеримент предводен од Леон – научник кој е онолку брилијантен колку што е невнимателен. Она што Леон сакал е да ја искористи енергијата од јадрото на Земјата за благородни цели, но таквото нешто завршува фатално, ослободувајќи древен ентитет. Монструозна сила која произлегува од неуспешниот експеримент на Леон започнува брз процес на тераформирање на планетата, претворајќи ја почвата во токсична кал, а живите суштества во, поради недостаток на подобар збор, зомби чудовишта.
За да проба најефикасно да се справи со апокалипсата која ја има создадено Леон ангажира тим од платеници кои, иронично, го добиваат името токсични командоси. Вие сте еден од овие командоси и, како поминувате низ мисиите така дознавате повеќе за светот во кој се наоѓате и луѓето со кои си имате работа. Приказната не е ништо посебно и ѝ недостасува одредена длабочина, односно инвентивност. Но, она што ви се сервира е сосема доволно за да ја оправда акцијата што следува и мисиите оставаат впечаток како да сте дел од класичен филм од деведесеттите.

Спас од апсолутни аутсајдери
Како во L4D така и овде, John Carpenter’s Toxic Commando се одликува со интензивна кооперативна механика наменета за еден до четворица играчи. Вие и вашите пријате сте фрлени во немилосрдни борби против илјадници инфицирани суштества. За да може огромната бројка да се прикаже на импресивен начин, се користи истиот систем кој ги има прославено Saber Interactive. Таканаречениот Swarm Engine има завршено одлична работа во World War Z и Space Marine 2, а овде акцијата е подеднакво импресивна. За да успеете за време на мисиите, потребно е да сте во константна комуникација и непосредна близина, да споделувате муниција и да им помагате на соборците секојпат кога ќе бидат во незавидна ситуација.
Арсеналот кој го имате на располагање се одликува со разновидно огнено оружје, експлозиви, специјални класни способности, па дури и оружја за блиска борба како катани, клучеви и модифицирани бејзбол палки. Битките се импресивни и користењето на оружјата е секогаш забавно, особено во подоцниот дел кога ќе направите соодветни надградби и на оружјата и на вашите моќи. Вештачката интелигенција на непријателите не е премногу импресивна и обично се сведува на директен, брз и агресивен напад. Но, со оглед на тоа како се организирани мисиите, немаме преголеми забелешки во овој дел. Можеби нема преголем број на уникатни непријатели, но тоа што го има задоволително се разлетуваше на сите страни и за време на првата и за време на десетата сесија.

Дизајнот на нивоата е осмилен на тој начин што ве фрла во полуотворен свет. Иако можете веднаш да се упатите кон целта, од огромна предност е првин да се фокусирате на истражувањето и користењето на предностите кои се вдомени надвор од примарната цел. Различни точки од интерес низ мапите ви дозволуваат да наоѓате возила, гориво и муниција, како и да собирате неопходни ресурси низ уништените пејзажи.
Возилата играат огромна улога и нудат уникатни предности како тешко вооружување, специјални способности или корисни алатки. Една таква алатка е сајла која ја исфрлувате за да искршите некоја препрека или да го повлечете целото возило за да се извлече од проблематичен терен, како кал. Возењето има изразен аркаден и крајно забавен стил, но физиката на возилата може повремено да биде непредвидлива, особено при судири или нерамен терен.

Ресурсите кои ги собирате се користат за поправка на одбранбени механизми како бедеми, минофрлачи и стапици за време на финалните одбранбени сегменти. Мапите се феноменално дизајнирани и преубаво го прикажуваат апокалиптичниот хаос, нудејќи најразлични, предизвикувачки терени за истражување. Обично, за половина час можете да ги истражите сите точки на интерес и потоа целосно да се посветите на главната цел.
Што се однесува до долготрајноста и содржината, кампањата е релативно кратка, составена од осум главни мисии кои можат да се комплетираат за околу шест часа при првото играње на стандардна тежина. За да се компензира оваа кратко времетраење, на располагање имате систем за мета-прогресија кој ве поттикнува постојано да ги преигрувате нивоата. Имено, секое наредно ниво го започнувате од поразлична точка на мапата и, како напредувате, така отклучувате повисоки класи на оружја кои нанесуваат поголема штета. Паралелно со ова, самите класи и нивните вештини се унапредувата за да се трансформираат во несопирливи деструктивни сили.

John Carpenter’s Toxic Commando е солидна игра што ќе ве забавува еден до два викенди. Сепак, има неколку работи кои би сакале да беа изведени поинаку.
Најпрво, играта постојано бара да бидете поврзани на интернет, дури и кога играте сами. Во една ситуација, детално ја истраживме мапата и завршивме добар дел од главната мисија, па решивме да направиме кратка пауза за кафе пред да продолжиме. За жал, играта го протолкува нашето мирување како неактивност, нè исклучи од серверот и моравме да започнеме сè од почеток.
Втората забелешка се однесува на мултиплеер искуството. Ако веќе играте со други луѓе, John Carpenter’s Toxic Commando е дизајнирана за играње со пријатели, а не со непознати. Пробавме во неколку наврати да играме со random играчи и искуството беше хаотично. Еден трча низ мапата како мува без глава, друг сака да го вози возилото директно кон крајната цел, додека трет инсистира на истражување точки од интерес. Во неколку наврати бевме елиминирани и никој не се потруди да нè крене на нозе. Едноставно, неопходна е тимска работа и комуникација; во спротивно, играта знае да биде навистина фрустрирачка.




Кога ќе се земат сите работи во предвид, John Carpenter’s Toxic Commando е непретенциозна, експлозивна кооперативна забава која не се сфаќа премногу сериозно. Иако страда од репетитивен дизајн на мисиите, проблеми со темпото во полуотворениот свет и систем за прогресија кој нуди бледи козметички награди, самата основа на пукање и борба против масивни орди е неспорно забавна, особено кога се игра со пријатели. Користењето возила, тактичкото поставување на одбрана и масовна елиминација на легија од зомби чудовишта додаваат солидно, адреналинско искуство кое е ретко видено и толку добро реализирано во некои други игри. Едвај чекаме да видиме како играта ќе се надополнува во иднина. Доколку авторите ѝ посветат исто внимание како на WWZ тогаш John Carpenter’s Toxic Commando ќе вреди многу повеќе од викенд-два.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Saber Interactive
- Издава: Focus Entertainment
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 12 март 2026







