Прв поглед на Casio STB-1000, часовник со кој имате контрола врз вашиот iPhone

Полека навлегуваме во ерата на паметните часовници. Но, прашањето е што очекувате од овие уреди кои треба да бидат додатоци на телефоните? Тоа што засега го видовме, и што не ми се допаѓа, е дека се тежнее паметните часовници да бидат копија на паметните телефони – исти функционалности, полни со апликации. Но, наидов на Casio STB-1000, кој за разлика од преамбициозните уреди, е редок хибриден часовник кој пред се е часовник, а потоа и нотификациски центар поврзан преку Bluetooth со iPhone. Го имавме овој хибриден гаџет на кратко време за тестирање, и, покрај нашите сомнежи, STB-1000 се покажа како доволно паметен да ни користи за фитнес и други секојдневни активности.

Дизајн

STB-1000 го има уникатниот и препознатлив дизајн како и секој спортски Casio часовник, што ќе им се допадне на фановите на овој бренд. Иако има пет копчиња (две од страните, едно во центар доле), сепак не е премногу голем. Големината е всушност меч со две острици, па STB-1000 успева некако да ги избалансира потребите. Со димензиите од 52,5 x 47 x 15,5 mm, тој е пријатен часовник за носење, не изгледа гломазно кога го имате на рака. Но, од друга страна, дисплејот можеби е дизајниран за часовник, и е мал за паметен уред кој покажува нотификации од повици и песни. Дисплејот е поделен на три дела каде времето и датумот се гледаат јасно, како и сите податоци од фитнес апликациите, но местото за нотификациите, кое е сместено во десниот горен агол, е мало за да се покаже целата порака. Но, таа маана е скоро неважна откако ќе се навикнете како нас дека часовникот не е наменет да читате имејлови на него, туку ви овозможува брза контрола врз телефонот.

Функционалности

Иако е попаметен од другите спортски часовници, примарните функционалности на Casio STB-1000 е да покажува време од 35 временски зони; има 5 аларми; штоперица за мерење на време до 120 записи; водоотпорен e на 100 метри под вода; и, според Casio, има батерија која трае 2 години.

Но, тоа што го прави уникатен гаџет, е што STB-100 има и Bluetooth 4.0 со low energy technology за да се поврзе со iPhone преку Casio Watch+ апликацијата. Стандардната Bluetooth врска на iPhone нема да функционира, туку мора да се синхронизира преку апликацијата на Casio. Во моментот можете само да ги поврзете уредите ако имате iOS 7 на вашиот iPhone, што и не е толкав проблем ако користите iPhone 4 или понови модели. Штом ќе се поврзете преку Mobile Link функционалноста – за поврзување ви требаат 2-3 секунди – апликацијата се претвара во далечинска контрола на часовникот. Преку телефонот ќе може да поставувате аларми на часовникот, да ги репрограмирате петте копчиња, да ја вклучите контролата врз музиката и да го пронајдете изгубениот телефон. Последната опција е одлична бидејќи часовникот ви е поголем дел од времето на рака, но проблемот е што Bluetooth врската се губи по неколку метри. Штом ќе се поврзете преку Casio апликацијата, ќе може да го синхронизирате часовникот и со другите поддржани фитнес апликации.

STB-1000 е направен за луѓето што сакаат фитнес пред се – за тие што трчаат, возат велосипед, одат долги релација или некоја друга спротска активност достапна преку фитнес апликациите на iPhone. Целта на Bluetooth поврзувањето е што дозволува да го ставите телефонот во џеб или во ранец, и без проблем да го контролирате преку часовникот. Пример, возите велосипед, и наместо да застанувате за да го проверите телефонот, добивате нотификации ако имате порака преку часовникот, или едноставно кликнувате на Power копчето за да ја паузирате песнатa; ја намалувате гласноста со едно од левите копчиња; или пак пуштате друга песна со десните копчиња. Контролата на музиката е лесна и една од најдобрите функционалности на STB-1000, кој ми послужи и при возење автомобил, бидејќи часовникот вибрираше и ми го покажуваше името на тој што ми ѕвони. Не успеав да се снајдам како да го прекинам ѕвонење, но подоцна, откако го вратив уредот, дознав дека тоа се прави со два пати кликање на дисплејот. Тоа што ме изненади е што, без никакви сетирања, добив нотификација дека некој ми пишува на Viber. Апликацијата на Casio ви ги синхронизира поголемиот број нотификации кои ги добивате на телефонот, што е корисно во секое време.

Засега Casio има соработка со четири фитнес апликации кои го поддржуваат STB-1000 и преку него ги покажуваат сите податоци, како истрчаните километри, просечна брзина на движење, време на спортувањето и други детали кои ги обезбедуваат апликациите. Wahoo Fitness е целосно бесплатна апликација, но другите три апликации за одење, трчање и велосипедизам на Abvio, иако се бесплатни да ги симнете, и да ги користите делумно – велат дека тие се најдеталните фитнес апликации – сепак за да ги поврзетe со SBT-1000 ќе треба да платите претплата од 5 долари годишно, што можеби и не е скапо за услуга ако ја користите постојано. Casio најавува поддршка од други апликации, но засега ќе треба да ги користите понудените.

Заклучок

SBT-1000 ме изненади. Кога прв пат ми го претставија часовникот го гледав како обичен спортски часовник (не по мој вкус), но подоцна му најдов еден куп примени. Секако, тој е направен за фитнес и за спортски активности, да ве отргне од телефонот и да ви го задржи фокусот на тоа што ви е важно во моментот – деталните податоци од фитнес апликациите. Но, контролата врз телефонот е премногу лесна, посебно контрола на музиката, и помага и кога работите било што друго. Часовникот едноставно се претвара во нотификациски центар токму кога ви треба. Casio SBT-1000 не е паметен часовник каков што ги замислуваме идните часовници да бидат, но ако ја наговестува таа револуција, тогаш јас уште од сега сум фан.

Позитивно

  • Пријатен Casio дизајн;
  • Брзо синхронизирање преку Bluetooth;
  • Лесна контрола на музика на телефон;
  • Нотификации од разни апликации;
  • Долга батерија;
  • Евтина цена (околу 7.500 денари).

Негативно

  • Мало поле за нотификација;
  • Се поврзува само преку апликација на Casio;
  • Bluetooth поврзувањето се губи после неколку метри;
  • Мал број поддржани фитнес апликации (за некои треба претплата);
  • Достапен само за iOS 7.

Благодарност до MyTime што ни го отстапи уредот за тестирање.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments