Project Planet – Earth vs Humanity е одличен избор доколку ви се собере друштво и сакате да одиграте игра каде треба да го уништите или спасите човештвото од бројни вируси, удари на астероиди, бројни политички и економски кризи, и други природни катастрофи.
По покренување на играта, на екранот ќе се покаже код. По внесување на кодот преку телефоните, еден играч има за цел да започнува одредени катастрофи и да проба по секоја цена да ја уништи човечката раса, а другите 5 играчи се во улога на главни претставници кои донесуваат критични одлуки за справување со моментните и идните катастрофи. Па така, еден играч ги застапува светските лидери, друг играч ја застапува индустријата, трет – научниците, четвртиот играч се грижи за медијската покриеност, а петтиот е задолжен за односи со јавноста.
Играта можете да ја играте и сами или пак со помалку луѓе. Во таа ситуација, уздите ги презема вештачката интелигенција, но забавата едноставно не е на исто ниво. Доколку имате доволен број пријатели, можете сите да играте заедно во една просторија или пак онлајн преку стримување на содржините. Потребно е само еден играч да ја има купено играта. Потоа, тој играч може да ги покани сите останати играчи за да сите ја следат ситуацијата од мониторот, а да ги донесуваат одлуките преку телефоните.
Кампањата се формира во зависност од одлуките на играчите. Секоја од шесте улоги кои ќе решите да ги играте се одликува со уникатни механики и одлуки. Планетата Земја може да започнува најразлични катастрофи кои ќе го отежнуваат животот.
Светските лидери воведуваат закони за подобро справување со катастрофите, како, во ситуација на опасен вирус, закони за делумно или целосно седење дома. Од друга страна, играчот која ја представува индустријата донесува одлуки кои ја одржуваат економијата, а играчот кој управува со научниците се стреми за правилно насочување ресурси за, пример, пронаоѓање вакцина.
Слично на ова, лицето кое е задолжено за медиумите донесува одлуки за подржување на одредени други играчи, фалење или критикување на одлуките кои се донесуваат, а јавноста реагира на се што се случува како резултат на одлуките донесени од останатите. Во многу ситуации, можете да донесувате заеднички одлуки кои се за добро на сите, но и одлуки кои можат вас првенствено да ви користат, на штета на останатите.
Сево ова пружа бројни непредвидени сценарија и крајно непредвидливи последици. Доколку сте поголемо друштво, ова е игра која од срце ви препорачуваме да ја пробате!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Fifth Harbour Studios
- Издава: Fifth Harbour Studios
- Жанр: мултиплеер, локален и онлајн ко-оп, друштвена игра
- Платформа: Microsoft Windows, телефони
- Излезена на: 25 септември 2023