„Премини на главното“: Мора да се прилагодиме, затоа што ВИ веќе го менува светот

во Вести

Ова е гостински текст на Бојан Кордалов, виш експерт за стратешки комуникации, јавни политики и дигитална/ВИ писменост. Тој има над 20 години искуство во областите на ЕУ видливост, односи со јавност и стратешки консалтинг. Во моментов, Бојан Кордалов е директор за креирање политики и комуникации во Европскиот Центар за Извонредност (ECE) во Брисел.


Веќе не читаме на ист начин. Веќе не учиме на ист начин. А можеби најважно од сѐ – веќе не учествуваме во општествените текови на ист начин како порано.

Од „рилс“ содржини на Instagram и TikTok и кратки видеа на YouTube, до одговори генерирани од алатките на вештачката интелигенција (ВИ) и објаснувања во една минута – да се објавува многу кратка содржина е новата норма. Алгоритмите наградуваат брзина и едноставност. Социјалните медиуми го ставаат фокусот на вниманието, а алатките базирани на вештачка интелигенција сè повеќе не само што го формираат она што го гледаме, туку и начинот на кој размислуваме.

Да бидеме реални: дали го прифаќаме ова или не, светот целосно се промени во изминативе 2 децении, но и уште побрзо во последниве неколку години и тоа под силно влијание на ВИ.

Тоа не е само по себе нешто лошо. Всушност, може да биде пресвртна точка за подобра достапност, побрзо учење и подинамична комуникација. Но тоа отвора и важни прашања: Што добиваме, а што губиме? И, најважно, дали општеството го подготвуваме да се движи низ оваа трансформација одговорно и критички?

Денес мислењето за информациите го градиме преку насловите, учиме преку 60-секундни туторијали, добиваме работни насоки од ВИ-алатки, се вклучуваме во општествените процеси и текови преку хаштази, а рецепти за готвење учиме од 30-секундни видеа.

Учениците користат ChatGPT за да напишат есеи. Професионалците користат ВИ за да состават мејлови и стратегии. Публиката очекува говорите да бидат во должина на еден твит – кратки и разбирливи. Често ѝ се обраќаме на одредена ВИ алатка за да ни сумира долги текстови во неколку реченици.

Всушност, промената не доаѓа. Таа веќе е тука.

Меѓу предностите на новата ВИ ера би ги вброил: брз пристап до знаење, поголема инклузија за нетрадиционални ученици, нови форми на креативност и изразување и поддршка за веќе преоптоварените едукатори и професионалци.

Но, постојат и слабости кои бараат сериозно наше внимание: екстремното поедноставување на сложени теми, чест пад на концентрацијата, поларизација и дезинформации, како и губење на длабочина во критичкото и креативно размислување.

Мораме да го признаеме постоењето и на едните и другите. Негирањето на промената нема да помогне. Па, оттука, вистинското прашање е: Како да се прилагодиме?

Лесно е да ја обвинуваме технологијата. Убаво звучи замислата за враќање во преддигиталниот свет. Но, ниту едното, ниту другото, не нè подготвува за иднината. Веќе го пробавме ваквиот пристап и не донесе никакви резултати. Земјата, и покрај нашите обиди да ја застанеме, продолжи и понатаму да се врти, а еволуцијата секако останува неминовен процес.

На пример, работејќи неодамна како консултант за повеќе јавни институции во делот на дигиталните комуникациски стратегии, разговаравме за феноменот на т.н. Deepfake видеа и нивното растечко влијание врз демократските изборни процеси, што јасно покажува колку вештачката интелигенција може брзо да го наруши јавниот дискурс. Решавањето на ваквите растечки предизвици бара брза меѓусекторска реакција: воведување системи за проверка на фактите, обуки за дигитална и ВИ писменост за јавните службеници, како и транспарентни и конзистентни комуникациски протоколи за враќање на доверба во институциите.

А сега, кога ВИ е многу помоќна од претходните дигитални алатки, нејзиното влијание ќе биде уште подлабоко и посериозно. Пристапот дека можеме да ја игнорираме едноставно не е и не смее да биде опција. Затоа, ВИ писменоста мора да се препознае како основа за дејствување, заедно со ефективната регулација на вештачката интелигенција.

Дел од неодамнешните истражувања во ЕУ покажуваат дека големо мнозинство граѓани поддржува зголемена регулација на ВИ и дигитална писменост, што ја отсликува растечката побарувачка за проактивна акција за справување со предизвиците на новата информациска ера. На пример, во Данска, 71% од луѓето веруваат дека е потребна регулација на вештачката интелигенција, а 86% посакуваат цврсти закони за борба против дезинформации создадени со ВИ, покажа годишната студија на КПМГ за доверба и ставови кон вештачката интелигенција во 2025 година. Јавниот мислење е јасен: поголемиот дел од Европските граѓани ја препознаваат итноста за прилагодување на ВИ и очекуваат нивните институции да одговорат со ефективни и визионерски политики.

Фокусот мора да биде на воведување на ВИ и медиумска писменост во секоја училница, на обука за едукатори и јавни службеници, интегрирање на етиката во дизајнот на алгоритмите и управувањето со платформите, како и вклучување на различните чинители во процесот на креирање политики во овој домен.

Да престанеме да прашуваме дали луѓето користат алатки на ВИ. Се користат и тоа масовно! Наместо тоа, да се осигураме дека сите ја користиме вештачката интелигенција одговорно, етички и со целосно разбирање на нејзината примена.

Луѓето не престанаа да размислуваат, туку почнаа да размислуваат побрзо. Начинот на кој читаме, учиме, се вклучуваме и одлучуваме еволуираше. Ако институциите заостануваат и не ја следат оваа еволуција, ризикуваат да станат сѐ помалку релевантни.

„Не ја шири приказната, туку премини на главното“ бидејќи еволуцијата е нормална. Но, одговорноста е избор. Можеме да ја обликуваме иднината само ако престанеме да се плашиме од неа, почнеме да се прилагодуваме и се заложиме за дигитално зајакнување за секој од нас.

И да, обидете се да ја направите вашата долга приказна навистина многу кратка. Бидејќи така комуницира светот денес. Во спротивно, некоја ВИ алатка можеби ќе треба да ја прераскаже за вас и многу веројатно дека ќе ја промаши поентата која сте сакале да ја кажете!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments