Reus 2 веќе се докажа како достојно продолжение на популарниот god-game симулатор, каде имавме за задача да ја преземаме улогата на џинови што го обликуваат светот. За играта првично пишувавме тука, а и го имавме задоволството да поразговараме со самиот автор, нешто за што можете детално да прочитате тука. Во оваа прилика, ги разгледуваме двете последователни додатоци и што тие можат да ви овозможат.
Reus 2 – Ice Age: Ладен бран на нови стратешки предизвици
Новата експанзија, Ice Age, ја надградува горе-споменатата формула со воведување на сосема нов биом и варијација на моќен мразен џин, Аегир. Експанзијата додава слоеви на комплексност преку нови архетипови како еволуција и изумирање, кои бараат од вас внимателно да планирате како раните форми на живот ќе го отворат патот за идните, помоќни видови.

Ice Age нуди значителна длабочина преку воведувањето на четири нови лидери, секој со свои уникатни амбиции кои го менуваат текот на човештвото. На пример, The Painter се фокусира на културни и визуелни достигнувања, додека The General добива бонуси од воената моќ, што ја менува динамиката од мирољубиво градење кон поагресивна експанзија. Дополнително, четирите нови ери носат нови предизвици кои ја тестираат вашата способност за адаптација. Синергијата помеѓу различните елементи е клучна затоа што погрешно поставен ресурс може да го забави напредокот, додека правилната комбинација може да доведе до просперитетна ера на просветителство.

Новиот леден биом носи свежа палета на бои со снежни пејзажи и уникатни животни како мамути и сабјести тигри, кои одлично се вклопуваат во постоечката естетика. Mузиката и понатаму продолжува да е релаксирачка и медитативна, создавајќи контраст со често хаотичните ситуации што можат да настанат кога цивилизациите ќе почнат да војуваат или кога ќе настапи нуклеарна криза.

Reus 2 – Ice Age е солидно проширување кое ќе им се допадне на љубителите на стратешки загатки и симулации. Иако играта може да делува бавно за оние кои претпочитаат акција, таа нуди задоволувачко чувство на контрола и креативност. Новите механики за еволуција и специфичните предизвици на леденото доба успешно ја освежуваат играта, нудејќи ви повеќе алатки за експериментирање, без разлика дали сакате да создадете утопија или да го водите човештвото кон спектакуларен крај.

Reus 2 – Everglades: Длабоко нурнување во мочуриштата
Со Everglades, Reus 2 го проширува божествениот универзум, нудејќи ви целосно нов биом за истражување. The Wetlands носи уникатен предизвик каде што водните и копнените површини се испреплетуваат во истиот простор. Притоа, вие морате стратешки да ги користите новите biotica за да создавате просперитетен екосистем. Нормално, за обликувањето на овој непревидлив пејзаж, значително помага варијацијата на мочуришниот џин, Реџиналд.

Експанзијата воведува значителна длабочина со над 60 нови видови на флора и фауна, вклучувајќи лубеници, целестин и секако, алигатори. Фокусот е ставен на механиката со микро-организми, каде што одредени растенија и животни шират уникатни микро-елементи за создавање на моќни комбинации. Дополнително се додадени и три нови лидери како и три нови ери, се со цел да се понудат свежи наративи и цели за вашите цивилизации.

Reus 2 – Everglades, како и Ice Age, е солиден додаток кој успешно ја балансира релаксирачката атмосфера со зголемена стратешка комплексност. Aко уживавте во основната игра и во првото DLC, тогаш нема никакви шанси да не ви се допадне Everglades. На крајот на денот, добивате само дополнителни алатки за креативноста и стратегијата да одат рака под рака.








