Кои три игри би можеле да проверите неделава? Без непотребно губење време, одиме со првиот предлог:
Starsand Island: Тропска симулација со акцент на истражување
Како една класична симулација од социјален и фармерски аспект, Starsand Island е игра која би можела да ви се допадне доколку сакате управување со ресурси и култивацијата на земјиштето. Но покрај тоа што можете да одгледувате тропски овошја и зеленчук, играта ви овозможува и пошироко менување на теренот. Па така, за брзо време ќе можете и да дизајнирате градини, како и да го уредувате пејзажот околу руралната вила. Сточарството е дополнително проширено и покрај фокус на добиток, ќе водите грижа и за специфични животни како капибари, мачки и кучиња.

Кога не ги исполнувате секојдневните обврски на фармата, ќе можете да го истражувате отворениот свет така што ќе користите неколку различни превозни средства како longboard за движење по крајбрежјето или ретро скутери за побрзо пробивање низ шумите. Пловењето, пак, ви овозможува истражување на околните острови и откривање на тајни локации,правејќи максимално да уживате и надвор од фармата.

Долгорочна цел во социјалниот сегмент
Како што напоменавме, ова е и симулација на живот. Социјалниот систем е структуриран околу интеракцијата со жителите на островот. Напредокот се мери преку секојдневни разговори и извршување на специјални квестови од лична природа, давајќи подлабок увид во животите на заедницата. Без проблем можете да градите значајни врски и да ги продлабочите односите. Имено, можете да навлезете во романтични врски и заеднички живот со некој од ликовите.
Покрај релаксирачките елементи, Starsand Island воведува и борбена механика и dungeons истражување, каде што се среќаватe со антички урнатини и непријателски суштества. Како награда за негување на вашите офанзивни аспирации, ќе бидете наградувани со рударски ресурси, минерални жили и ретки богатства кои се неопходни за понатамошен напредок и надградби.

Starsand Island делува како солиден спој на жанрови и квалитетен баланс помеѓу мирниот земјоделски живот и активна авантура. Доколку барате подлабока chill авантура со забавни системи на социјални интеракции, фармерство и истражување, тогаш не би требало да го заобиколите насловот.

Комбинирана експлозија од бои со Chowdown Kitty
Chowdown Kitty е симпатичен наслов кој припаѓа на добро познатиот Match 3 жанр каде манипулирате предмети за да поврзете три или повеќе исти.

За разлика од некои игри каде целта е само да ја исчистие таблата или да освоите одреден број поени, овде секој успешен потег ја полни чинија со храна. Па така, додека сте во константна трка со борбата, потребно е да ги наполните чиниите што е можно побрзо. Го немате луксузот да мозгате до бескрај туку мора инстантно да правите одредени комбиниции. Мачињаа се гладни, а тие чини нема да се наполнат сами.

Како напрадувате во играта така ја проширувате колекцијата на мачки. Кога ќе соберете доволно храна за да ги задоволите потребите на одредена мачка, истата ќе се вдоми во вашата збирка. Собраните мачки си ги чувате и прилагодувате преку декоративниот сегмент наречен The Lounge. Таму, можете да ги облекувате вашите миленици со различни капи и модни додатоци. На располагање имате десетици нивоа и стотици различни мачки за отклучување, а, за да се разбие можна појава на монотонија, вклучени се и специјални бонус фази, уникатни засилувања и нагли промени во правилата.

Chowdown Kitty забавно спојува брзи рефлекси со интересни колекционерски механики. Нема ништо револуционербо во играта, но она што го има е доволно содржина за да ја задоволи вашата потреба за match 3, како и вашата љубов кон мачките.

Perfect Tides: Station to Station
Perfect Tides: Station to Station e point-and-click авантура која се надоврзува на истоимениот претходник, вовлекувајќи, притоа, значително проширени и оптимизирани механики на играње. Откако ќе ја преземете контролата врз 18-годишната Мара, ќе започнете со истражување на 60 различни локации во градот. Истражувањето е олеснето благодарение на системот за јавен транспорт, а интеракцијата со местата и собирањето на предмети се осмислени на начин кој прави работите да се пофлуидни и попристапни, дури и доколку не сте фанови на игри од ваков калибар.

Покрај стандардните физички предмети, вие собирате и нешто друго – имиња и теми. Таквото нешто го правите преку разговори, лични искуства и сеќавања. Собраните апстрактни елементи потоа се користат како ресурси кои го прошируваат разбирањето на Мара за светот и отклучуваат нови опции за разговор. Како резултат, се поплочува пат за развој на комплексни пријателски и романтични односи и, со самото тоа, разгранување на приказната и искусување различни исходи.

Наративниот фокусот е ставен на емоционалните подеми и падови при навлегувањето во светот на возрасните и пронаоѓањето на сопственото место во општеството. Иако е, несомнено, продолжение, играта е дизајниран како самостојно искуство, овозможувајќи им и на новите играчи и на оние што го играле првиот дел подеднакво лесно да се вклопат во приказната.

Perfect Tides: Station to Station е наслов кој релативно успешно комбинира традиционални авантуристички елементи со иновативен систем за менаџирање кој оди чекор напрад и ви дозволува да експериментирате и со апстрактни „предмети“. Доколку барате позрел пристап кон жанрот, со поголем акцент на човечките односи и созревањето, тогаш ова е игра која би можеле да ја проверите.







