Препукувањето помеѓу политичките партии достигнува најниско можно ниво во Македонија, во период кога прв пат по неколку години имаме дискусија помеѓу партиските лидери, во посредство на меѓународната заедница. Но, додека лидерите седат очи-во-очи во Стразбург, нивните следбеници престанаа да разговараат едни со други, кампуваат во различни паркови, си читаат „наши“ и „ваши“ медиуми, и сега имаат свои ужасни видеоигри за играње.
SuperZaev е Flash видеоигра во која лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги бомбардира своите политички противници. Во играта се вклучени дел од наводните прислушувани разговори, по кои SuperZaev почнува да ги гаѓа со „бомбите“ поранешната министерка Гордана Јанкуловка и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Во секое следно ниво има нов дел од некој од прислушуваните разговори, и бомбардирањето продолжува. Не го знаеме авторот.
Но, во Македонија ништо не проаѓа без контрирање. Каде има протест, има и контра-протест; каде има камп, карши улица ќе има контра-камп; а ако има игра, има и контра-игра. ММЕ кој прв почна! Знаете што следи… постои и игра во која Зоран Заев е злосторникот.
Kaj Viceto е уште една Flash игра во која г. Заев собира евра. И во неа се вклучени снимки од наводниот разговор во кој градоначалникот на Струмица е обвинет дека прима мито, и дека на свој соработник наводно му нарачува парите да ги остави „кај Вицето“. Од тука и името. Не се знае авторот на играта.









