Производителот на најзабавните камери, GoPro, доби сопствен канал на Roku, а со тоа се доближи и чекор поблиску до станување на медиумска компанија, јави Quartz.
GoPro стана препознатлив бренд поради своите уникатни камери кои можат да се монтираат на кациги и да се користат за снимање на екстремни спортови. Ваквите мали камери станаа омилени кај спортистите кои споделуваа свои видео содржини. Сега може да гледате куп видеа – од качување на планини, параглајдерство, до професионални спортови, сите со уникатна точка на гледање. Можеби не беше планирано, но видеата му дадоа идеја на GoPro да ги споделува со пошироката публика и да ја популаризира камерата, а сега и да започне да ги прикажува и како медиум.
Каналот на платформата за стримање Roku ќе нуди слични содржини како Youtube каналот на GoPro, односно своевидна Twitch верзија за екстремни спортови, иако според најавата на Адам Дорнбруш од GoPro, навистина се возбудени од видеа направени oд музичари и со животни. Концертите би можеле да бидат навистина интересна содржина за гледачите со оглед на тоа дека би можеле да ги следат стримовите од видното поле на корисниците, но и од видното поле на музичарите.
Каналот има дозвола да ги пренесува снимките од NHL и X-Games, а гледачите ќе имаат можност да се запознаат како се направени видеата. Сепак снимките од спортските натпревари барем за сега изгледаат најпривлечно, па не изненадува што GoPro се обидува да направи партнерства за поголем број спортови.