По тужба за сексуална злоупотреба затворена друштвената платформа Omegle

Платформата која овозможуваше случајни средби Omegle, ќе престане да постои. Иако требаше да биде платформа за запознавање со странци, за жал истовремено овозможуваше злоупотреба и „спојување“ на малолетници со сексуални предатори.

Omegle официјално престана да функционира на 8 ноември, една недела по судската спогодба. Затворањето беше дел од спогодбата со која Omegle избегна случајот да оди пред порота. Причина за тужбата е долгогодишно сексуално злоставување на една од корисничките на платформата.

А. М. jа поднела тужбата во 2021 година. Малтретирањето започнало во 2014 година кога таа имала само 11 години. Триесетгодишен маж ја натерал да се фотографира и да снима видеа без облека. Ова траело три години.

Крајот на работа на Omegle е еден од условите за кој преговараа Omegle и нашиот клиент во замена Omegle го избегна судскиот спор пред поротата“, вели Кери Голдберг, адвокатка која ја застапуваше A.M., за WIRED.

 Потврдата за затворањето дојде и од основачот на платформата Леиф К-Брукс (Leif K-Brooks).

„Секоја алатка може да се користи за добро или за зло, а тоа особено важи за алатките за комуникација, поради нивната вградена флексибилност. Телефонот може да се користи за да и посакате „среќен роденден“ на вашата баба, но може да се користи и за закана за бомба. Не може чесно да зборуваме за Omegle без да си признаеме дека некои луѓе го злоупотребиле, вклучувајќи и за да извршат грозоморен криминал.“, пишува К-Брукс на објавата.

Илустрација – https://www.omegle.com/

Што е Omegle

Omegle е, или беше, популарна онлајн платформа која понуди поинакво и уникатно искуство за онлајн разговор. Платформата е основана во 2009 година. По подолга анонимност се врати во фокусот на корисниците во 2020 година за време на изолацијата која беше последица на мерките за спречување на Ковид-19 пандемијата.

Платформата претстави поинаков концепт кој ги спојуваше соговорниците по случаен избор со странци од целиот свет, што го правеше Omegle возбудлив и интересен друштвен експеримент.

Токму тоа што не знаете кој ќе се појави во прозорец е една од работите кои ја правеа платформата поинтересна за користење. Корисниците речиси веднаш добиваа соговорник за разговор. Платформата немаше ограничување на начинот на кој ќе се одвиваат овие средби, и можеа да одат во било која насока, што го правеше Omegle динамична и интерактивна платформа.

Корисниците имаа можност да одберат некои основни нагодувања пред да почнат со разговорите. На пример држава од која бараат соговорници, пол кој го претпочитаат или парови. По ова со еден клик започнува разговорот.

Дополнително освен оваа можност за случајни видео средби, Omegle беше и друштвена мрежа која им овозможуваше на корисниците да бидат во контакт со пријателите, да споделуваат и откриваат фотографии, да добиваат следбеници… Ова ја правеше платформата поинтересна од обични „рандом“ разговори.

За жал она што ги привлекуваше корисниците на Omegle на крај испадна и најголем недостаток. Платформата овозможуваше и непречена комуникација помеѓу малолетници и возрасни. Само во 2022 година имало 608 601 пријава за злоупотреба на деца на Omegle кои стигнаa до Националниот центар за исчезнати и злоупотребени деца.

Omegle всушност и не правеше разлика помеѓу своите корисници. Сѐ што беше потребно за разговор е имејл или корисничко име, по ова корисниците веднаш можеа да разговараат со луѓето. Дополнително корисниците се „спојуваат“ и според интересите. Новинарка на CBC која ја истражуваше работата на Omegle беше споена со гол маж бидејќи двајцата имале „Roblox“ (популарна игра за деца) како интерес.

Вообичаено друштвените мрежи се заштитени како платформи, но судијата во овој случај процени дека Omegle не прави доволнo да за ги заштити малолетниците. Платформата можела да спречи видео разговори помеѓу возрасни и малолетници кои не се познаваат, но не го направилa ова.

За време на пандемијата дел од инфлуенсерите започнаа да го користат Omegle како дополнителен начин да се поврзат со своите фанови.

„Имаше наплив на деца кои мислеа дека ќе се погодат со својот омилен онлајн инфлуенсер или креатор на содржина со кои се опседнати. Но, во реалноста беа спојувани за разговор со голи возрасни“, вели адвокатката Голдберг.

За жал тужбата на А. М. не е прв пат Omegle да биде во фокус на судски спор. Во август 2023 година маж е осуден на 16 годишна затворска казна откако признал дека разговарал со околу 1000 малолетници и ги снимал без облека.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments