Microsoft неодамна ја претстави новата верзија на Outlook за Windows 11. Новиот Outlook го поедноставува управувањето со вашите различни сметки за е-пошта и календари во унифициран и современ интерфејс. Можете да составувате добро структурирани и концизни мејлови со помош на интегрираната вештачка интелигенција во самата апликација.
Голем акцент е ставен на синхронизацијата на податоците од Outlook со Microsoft Cloud. Но, токму оваа синхронизација е загрижувачка поради потенцијалните ризици околу приватноста на корисничките податоците.
Имено, новиот Outlook е дизајниран да синхронизира различни кориснички податоци, вклучувајќи е-пошта, календари и контакти, со облак серверите на Microsoft. Она што е загрижувачко е тоа што оваа синхронизација на податоци не е ограничена само на сметките кои се хостирани од Microsoft, туку се проширува и на услуги од трети страни како што се Gmail, Yahoo, iCloud и други сметки.
Кога корисниците поставуваат сметки за е-пошта во новиот Outlook, сензитивни податоци како што се адреси на сервер, податоци за најавување, контакти, настани и содржината на е-пошта се пренесуваат до Microsoft Cloud. Иако овој пренос на податоци е обезбеден со TLS енкрипција, важно е да се напомене дека се случува без експлицитно одобрение од корисникот.
Практичен пример:
Кога ќе сакате да додадете Gmail сметка на новиот Outlook, ќе ви излезе прозорец со следнава содржина ”To add your Gmail account to Outlook, we need to sync your emails, contacts, and events to the Microsoft Cloud” и линк со повеќе информации.


Накратко, Microsoft ги превзема речиси сите кориснички податоци во својот облак. Од друга страна, овој потег на Microsoft сигурно нема да им се допадне на Google, Yahoo, Apple и останатите компании кои што поседуваат сервиси за е-пошта.
Ова не е прв ваков случај на Microsoft
Microsoft се соочи со проблеми со приватноста на податоците и во минатото. Оваа година, Outlook на компјутерите Mac ги пренасочуваше податоците во облакот на Microsoft по ажурирањата на Office без да добие согласност од корисникот.
Решението тогаш беше да се избришат и реконфигурираат сметките. Сепак, ова решение не изгледа ефективно во контекст на новиот Outlook.
Во моментов, Microsoft официјално не одговори на овие грижи за приватноста. Треба да се нагласи од колкава мера е важноста на транспарентноста и добивањето согласност од корисникот, особено кога се работи со сензитивни податоци за е-пошта.
Ова укажува на тоа дека корисниците треба да бидат многу повнимателни кога ќе го користат новиот Outlook, барем до следното официјално соопштение на компанијата околу овој случај.







