Оваа недела најголемите светски компании ја објавија својата заработка за последното тримесечје. Meta и Amazon прикажаа огромна заработка. Toa резултираше и со раст на акциите на берзата и скок на вредноста на компаниите. За жал, финансискиот успех е во сенка на десетици илјади отпуштања како последица на мерките за штедење од 2022 година. Акциите на Meta пораснаа 17%, а акциите на Amazon 7%.
Благодарение на намалувањето на бројот на вработени, но и на одличните резултати во периодот на новогодишните празници вкупната вредност на Meta и Amazon порасна за 279 милијарди долари.
Компанијата зад најголемата друштвена мрежа само во 2023 година го намали бројот на вработени за 22 отсто. Meta во истиот период најави дека ќе купи назад акции во вредност од 50 милијарди долари. Oваа недела најавија и дека ќе им исплаќаат тримесечни дивиденди на инвеститорите.
Amazon од 2022 година отпушти повеќе од 35 000 вработени, но со ова не престануваат отпуштањата. Најголемата продавница во јануари најави отпуштања и во Prime Videos, филмските и гејминг студија и од гејминг платформата Twitch, пренесе Bloomberg.
Покрај одличните финансиски резултати Meta не планира сериозни инвестиции до крајот на 2024 година. Сепак основачот и директор на Meta, Марк Закерберг, признава дека размислуваат во оваа насока.
„Она што најмногу ме спречува да го направам ова (мисли на сериозно инвестирање) е што во овој момент мислам дека работиме подобро како lean компанија. Секогаш ги има овие прашања за додавање на неколку луѓе тука или таму за да направиме нешто, и претпоставувам дека едноставно имам повеќе разбирање за тоа како сето ова резултира на крај“.
Закерберг е еден од најголемите инвеститори во Meta и ќе заработи 700 милиони долари од исплатата на дивиденди.
Amazon оваа година успеа да ја намали потрошувачката за секоја нарачка на купувачите за 45 центи. За претходното намалување на цената треба да се вратиме во времето 5 години. Директорот на компанијата Енди Џеси ветува дека работат и на дополнително намалување на сумата.
Дури и да инвестира од оваа година, впечатокот е дека инвестициите на Meta нема да бидат во нов кадар туку во вештачка интелигенција. Бројот на нови вработувања оваа година ќе биде незначителен.
Отпуштањата си продолжуваат
Податоците на сајтот Leyoffs.fyi покажуваат дека досега во 2024 година 115 технолошки компании отпуштиле 30 375 вработени. Само во првите 28 дена на јануари се отпуштени 23 670 вработени, најмногу од март 2022 година. Најголем дел, 8000 се од реструктурањето во германската софтверска компанија SAP и 1900 отпуштања од гејминг дивизијата на Microsoft. За секторот јануари 2023 беше најлош месец во историјата со речиси 90 илјади отпуштања.
Ова и најавата за намалувања на бројот на вработувања во неколку сектори во Google отвораат интересна тема за иднината на вработувањата во техничкиот сектор. Најголемите компании се фокусираат на иновациите и заработката. Сепак, искуствата на отпуштените десетици илјади вработени го отвораат прашањето за социјална одговорност на овие гиганти.
Секако ова го отвора и прашањето на неодговорно трошење и инвестирање за време на пандемијата кога компаниите трошеа огромни суми за раст, без да имаат одговор како ова ќе влијае по стабилизирањето на состојбата на пазарот. На пример Meta го зголеми бројот на вработени во 2020 година за 30 отсто и уште за 23 отсто во 2021 година.
Заедно со развојот на технолошката индустрија, рамнотежата меѓу иновациите, заработката и благосостојбата на вработените останува отворено прашање. Искуствата на оние погодени од отпуштањата во Meta, Amazon, но и во сите останати компании во секторот се потсетник за човечкиот елемент во пресметките на корпоративниот успех, поттикнувајќи размислување за тоа како се мерат овие достигнувања и која е конечната цена.







