Конечно добри вести за сите на кои им е потребна графичка картичка. По повеќе години недостаток на графички картички во продавниците, конечно ќе има вишок. Nvidia во својот Извештај за заработка за второто тримесечје го потенцираше намалениот интерес за графички картички. Како последица на ова, графичките процесори останаа во магацините на Nvidia. Компанијата ги „промаши“ финансиските предвидувања за периодот за 1,4 милијарди долари.
Интересот е толку намален што производителот престанал со испораки на графички процесори до своите партнери кои произведуваат графички картички и лаптоп компјутери. Nvidia сега ќе чека партнерите да ги испразнат постоечките процесори пред да започне да испорачува нови.
На почетокот на ковид пандемијата интересот за хардвер беше огромен, и многу луѓе купија графички картички во овој период. Видеоигрите беa можеби и најпопуларна забава во овој период, но интересот сега е намален.
Дополнително војната во Украина и рецесијата секако влијаат на стравот на купувачите за купување на поскап хардвер. Сепак специфично, графичките картички беа најинтересно парче хардвер за копачите на криптовалути. Во еден дел поради намалувањето на цената се намали и интересот за криптовалути. Позначајно, промените кај копањето на Ethereum, за кој од септември нема да биде потребен моќен хардвер влијаат најмногу на интересот.
Ова веројатно е најдобар показател за тоа колкав дел од пазарот отпаѓа на копачите. Nvidia во овој период и самата не можела да предвиди како ќе влијае падот на криптовалутите врз интересот за графички картички. Производителот предвидел и пред почетокот на тримесечјето дека интересот за гејминг графички картички ќе биде намален, но не очекувале олкав пад.
Предвидувањата се дека цената на графичките картички ќе продолжи да паѓа и во следниот период. Интересот на купувачите е помал, па на компанијата ќе и остане RTX 3000 серијата да ја продава заедно со новата RTX 4000 серија, констатира ArsTechnica. Следната генерација графички картички од Nvidia ќе биде достапна пред крајот на оваа година.







