Падот на крипто-берзата последниве неколку недели без сомневање е болна реалност за сите кои инвестирале во криптовалутите или во опрема за копање, а највеќе ги боли оние кои влегле во изминатите неколку месеци кога пазарот беше во подем. Намалувањето на вредноста на криптовалутите на еден или на друг начин ги опфаќа и ги афектира сите играчи во еко-системот, без разлика дали станува збор за инвеститори во криптовалути или алт-коини, или пак за девелопери или вработени во некои од компаниите кои имаат широк фокус на крипто, на пример една од најголемите берзи во светот Coinbase отпушти над 1.000 од своите вработени, и тоа преку имејл. Но секоја приказна има и две страни, Binance пак, во крипто-падот како што го нарекуваат, вработува нови луѓе и го зголемува својот тим…
Еден од проблемите кој е специфичен за „копачите“ на една од најкористените децентрализирани блокчејн проекти Ethereum (чија главна валута е Ether) е најавеното спојување на нодовите, т.н. „Merge“ кој речиси сигурно ќе се случи оваа година по неколку одложувања изминатите две. Ова не е прва најава за спојувањето, но сега поголем дел од експертите шпекулираат дека шансите да биде одложен за следната година се под 10 проценти. Со оваа промена опремата за копање Ether-и значително ќе се промени и проектот ќе премине од т.н. Proof-of-Work (PoW) на Proof-of-Stake (PoS) концепт, кој малку поинаку ќе ги постави работите на системот за извршување и наградување на трансакциите во мрежата.
Ethereum
$1,667.79
Bitcoin
$26,864.65
Што се крие зад спојувањето?
„Тhe Merge“ или спојување е промена која треба да ги направи операциите со Ethereum поефикасни а можеби и поевтини, барем кога енергетската ефикасност е во прашање некако е помало сомневањето. Ефикасноста ќе се постигне со префрлање од proof-of-work (PoW) на proof-of-stake (PoS) систем.
Proof of work и Proof of stake
Proof of work (доказ за работа) покажува дека копачите потрошиле пресметковна моќ за децентрализирано да постигнат консензус и да спречат злонамерници во обидите да ја преземат мрежата. Ова е најстариот модел кој се користи и започнува уште со Bitcoin.
Со оглед на тоа дека мрежите се децентрализирани и p2p (peer-to-peer), потребен е начин со кој промените во блокчејнот ќе бидат консензуални и безбедни. Proof of work треба да гарантира дека потребните ресурси се преголеми ако некој се обиде да ја преземе мрежата. Ако некој се обиде да направи промени во блокчејнот тоа ќе биде исклучително тешко со оглед на тоа дека ќе биде неопходно да ги „прекопа“ и сите следни блокови. Промената на моделот е комплексен процес во повеќе чекори. Секоја одлука која ќе се направи мора да биде целосно прегледана. На промената се гледа и како на најважниот настан во историјата на криптовалутите. Транзицијата во целост ќе ја промени и инфраструктурата на Ethereum.
Proof of Stake (доказ за удел) е модел со кој по случаен извор се одбира компјутер (нод) кој ќе ги валидира трансакциите или ќе креира блок во блокчејнот во зависност од тоа колку коини содржи овој нод. Сопствениците на овие нодови оставаат токени како колатерален материјал за можност да копаат. Потоа „копачите“ се одбираат по случаен избор и преку валидирање на трансакции во блокот „копаат“. Штом е валидиран останатите учесници го тестираат дали е валиден. Наградата се дистрибуира во Ether до сите учесници. Ако корисникот отиде офлајн пред да заврши валидацијата или потврди лоша трансакција може да изгуби дел од токените кои ги оставил како залог.
Со овој модел значително се намалува потребната пресметковна моќ, ова го намалува и потребниот хардвер, а со тоа и електричната енергија која се троши во инфраструктурата.
Што се однесува до бројот на токени потребни да се остават како залог за корисникот да може да влезе во случајниот избор за валидатор, учесникот треба да остави 32 ETH. Ова е висока сума, но веќе постои можност за помалите корисници да ги здружат своите средства за да учествуваат.

„Proof of Stake може да ја зголеми безбедноста на системот. Ќе го направи системот поскап за напад. Ќе го олесни опоравувањето од нападот, што е нешто за што луѓето не размислуваат“, вели Виталик Бутерин, креатор на Ethereum.
Кога енергетската ефикасност е во прашање, новиот модел ќе ја намали потрошената енергија во мрежата за 99%, што е навистина импресивно. Критичарите на криптовалутите често укажуваат на енергијата која се троши за копање. Само за биткоин годишно се трошат 150 TWh. Ова соодветствува на електричната енергија која ја троши Аргентина, држава со 45 милиони жители. При производство на оваа енергија се емитираат 64MT CO2, што соодветствува на годишното загадување на Грција, вели анализата на Универзитетот Колумбија.
PoS моделот не само што е поефикасен енергетски туку поради недостатокот од комплексни математички проблеми, ќе биде и побрз.
Во моментов девелоперите работат на вториот „chain-merge“ тест кој ќе безбеди дополнителни податоци пред да се префрли главната мрежа. Sepolia Beacon Chain е веќе активен и наскоро може да го очекуваме вториот јавен тест.
Засега нема најава за конечниот Merge, но проценка е дека би можел да случи веќе во август. Секако ова подразбира дека нема да има никакви непредвидени проблеми во текот на тестовите.
Еден од потенцијалните проблеми кои се предвидени е дека најголемиот провајдер на Stake сервиси Lido Finance би можел во теорија да ја наруши работата на мрежата. Сепак дури и во овој случај тоа нема да биде катастрофа.
„Реално најлошата работа која може да се случи е да ги одложи (Merge) за ден или два, тоа е непријатно, ама не е ужасно“, додава Бутерин.

Лоши вести за сите копачи на Ethereum
Префрлањето на PoS можеби е добра вест за намалувањето на потрошувачката на електрична енергија, но со новиот метод нема да има потреба од моќни машини. Ова би значело дека копачите на Ethereum или ќе треба да се префрлат на нов коин или залудно инвестирале во хардвер. Практично во новиот метод хардверот нема да игра никаква улога.
Ethereum е втора блокчејн според застапеност и бројката на копачи не е мала. Падот на вредноста на Ether во последниов период ја намали неговата вредност за 70 отсто во споредба со вредноста пред една година. Заради полесно копање во споредба со биткоин го копаат различни профили на крипто-ентузијасти. Дури и заработката од копање Ether е поголема во споредба со останатите поголеми токени. Ова веројатно е причината поради која и покрај најавата за префрлањето хашрејтот на Ethereum е двојно поголем во однос на минатата година.
„Веројатно луѓето сакаат да добијат најмногу што можат пред да заврши“, вели Слава Карпенко од 2Miners за Bloomberg.
Само во последните 18 месеци копачите на Ethereum потрошиле над 15 милијарди долари на графички картички. За копање Ethereum не се неопходни специјални картички и може да се користат и гејминг картички. Бројката од 15 милијарди се однесува исклучиво на графички картички. Напојувањето, процесорите, плочите и останатиот потребен хардвер не е дел од оваа сума.
Падот на криптовалутите воопшто не им помогна на дел од поновите копачи. Bloomberg пишува за приказната на 38 годишниот инженер Мајк Лам кој досега заработил 5000 долари со копање. Хардверот кој го купил чинел 30 000 долари, а сметката за струја секој месец изнесувала над 650 долари.
Можеби профитот нема да биде како од копање Ether, но сопствениците на овие скапи машини сега имаат друг избор. Може да одберат да копаат нова криптовалута или да ги користат како фарми за рендерирање или за машинско учење.