По 15 години Соркин се враќа на Facebook

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

„The Social Network“ од 2010 година, режиран од Дејвид Финчер со сценарио на Арон Соркин, брзо по излегувањето беше прогласен како една од најдобрите приказни за раст на технолошки гигант. Филмот имаше одлични оценки од критичарите и публиката. Успеа да освои три Оскари, вклучувајќи го и Оскарот за најдобро адаптирано сценарио за Соркин. Клучен дел од успехот беше брилијантната изведба на Џеси Ајзенберг во улогата на Марк Закерберг. Неговата интерпретација на Закерберг му донесе номинација за Оскар за најдобар актер и го катапултираше меѓу најдобрите актери во Холивуд. Филмот, исто така, им донесе светска слава на Ендрју Гарфилд и Арми Хамер.

Една од вестите кои можеби ги пропуштивте минатата недела е дека Арон Соркин се подготвува да ја продолжи приказната за Facebook со насловот „The Social Network II“. Веста ја објави Deadline, и е потврда на потенцијалните навестувања дека Соркин подолг период размислува за „продолжение“. „The Social Network II“ ќе биде издаден од Sony Pictures. На филмот веќе работат продуцентите Тод Блек, Питер Рајс, Аарон Соркин и Стјуард Басер, тврдат извори на Deadline.

Првиот дел одлично ги прикажа почетоците на Facebook и трансформацијата на Закерберг од студент до основач на една од најмоќните компании. Повеќе од десет години подоцна, Соркин се враќа на друштвената мрежа. Во новиот филм ќе се обиде да го истражи поновиот, покомплициран период од постоењето на Facebook.

Инспирација од контроверзиите на Facebook

За разлика од првиот филм кој се фокусираше на подемот на Марк Закерберг и создавањето на една од највлијателните платформи во светот, продолжението ќе се надоврзе на истрагата од 2021 година на The Wall Street Journal. Тоа е серија на написи кои обелоденија загрижувачки сознанија за штетите предизвикани од Facebook и уште поважно, за неуспехот на компанијата да ги реши тие проблеми. Дел од прашањата се поврзани со ширењето на дезинформации, влијанието врз менталното здравје на корисниците, особено младите, и улогата на платформата во поттикнувањето поларизација и насилство. Со оглед на сериозноста на овие обвинувања, Соркин нема да има проблем да одбере податоци за новиот филм.

Соркин ќе биде и режисер на филмот. Со три освоени Оскари е познат како сценарист, но неговото искуство како режисер е поскромно. Досега бил режисер на три филма. Ова го прави „The Social Network II“ поголем предизвик за него. Па, останува да видиме како ќе се справи со режисерските аспекти на овој филм.

Ќе се врати ли Ајзенберг како Зак

Иако има вести за тоа дека Соркин работи на сценариото, засега нема утврден датум за почеток на продукцијата. Веројатно подеднаквo важно прашање е и дали актерите од оригиналниот филм ќе ги репризираат своите улоги. Особено Џеси Ајзенберг како Марк Закерберг. Ајзенберг беше одличен во улогата на Закерберг и беше централна фигура за успехот на првиот филм. Неговото враќање ќе биде голем плус за продолжението. Со оглед на тоа колку се промени јавната перцепција за Закерберг и Facebook во изминатата деценија можеби токму тоа ќе биде потребниот предизвик за Ајзенберг да се врати на друштвената мрежа. Се чини дека без него враќањето на Social Network е далеку понеинтересно.

Дали публиката денес ќе сака да погледне филм за Facebook

И покрај сиот драмски потенцијал, едно прашање останува отворено: дали публиката ќе биде возбудена да помине два часа или повеќе во истражување на сите негативни аспекти на Facebook? Со оглед на веќе нарушената репутација на компанијата, постои ризик гледачите да не сакаат нова приказна која дополнително ќе ги оптоварува со „сите непријатности кои ги доживеале поради мрежата“.

Секако, ако Соркин успее да ја балансира приказната со интересна анализа на општествените влијанија, „The Social Network II“ може да биде уште еден интересен филм кој ќе нѐ натера да размислиме за улогата која технологијата ја има врз нашите животи.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments