Питер Ванхојте: Зошто користам мачки за политички пораки?

во ИТ.МК, Статии

Maчките на Ванхојте… вака македонските медиуми ги опишуваа твитовите на европскиот медијатор Питер Ванхојте; некои во револт велејќи дека интернет мемињата се несериозни за еден дипломат, други не разбираа зошто баш мачки, но ги реобјавуваа бидејќи пораките беа важни. За г. Ванхојте, кој беше говорник на неодамнешната конференција за активизам Engage MK, саркастичните твитови се единствениот начин да пренесе јасна политичка порака за надреалната политичка криза, порака која нема да биде погрешно протолкувана.

Сѐ започнува со терористичката акција во Моленбек, Белгија, во ноември 2015-та година. Tамошните власти го пребаруваа предградието на Брисел во потрага по напаѓачите на Париз, и од страв да не се откријат детали од истрагата, белгиските власти побараа од корисниците на друштвени мрежи да не објавуваат критични фотографии и видеа од акцијата. На ова, корисниците одговорија со објавување на слики од мачки.

Креативноста на #BrusselsLockdown беше инспиративна за г. Ванхојте кој започна да ги користи мачките за да пренесе јасна порака до сите – до политичките партии, но и до граѓаните. Со мемињата, вели тој, имаше можност да испрати порака која не можеше да биде протолкувана погрешно, ниту да биде спинувана во дебати.

„Концептот зад мемињата е дека не треба да пишуваш долги текстови, туку кратко и јасно ги информираш граѓаните и луѓето во политиката што треба да знаат. Ваквите изјави може да ги опишам како пораки од „кои не може да избегате“ – ако ги видите не може да се преправате дека не сте ги виделе, нема можност за различно толкување, дека сум сакал да кажам нешто друго. Ова е јасна порака, нема простор за толкување. Сакам да им кажам на граѓаните што е проблемот и како може да се реши тој проблем. Нема лажни дискусии како што можев да видам на телевизија, ова е пораката. Дали успеваат, тоа е нешто што ќе го видиме во следните денови и недели“.

Image courtesy of FOSIM/Flickr

Image courtesy of FOSIM/Flickr

Мемињата сепак беа успешни. Г. Ванхојте доби огромна поддршка од македонските твитерџии кои ги ретвитаа неговите мачки по стотици пати, а македонските владини и опозициски медиуми ги реобјавуваа често дебатирајќи за неговиот кредибилитет, но никогаш за политичката порака. Сите ги разбираа мачките. „Постојат неколку опции: да напишете долга статија, да закажете прес-конференција или да си отидеш дома и да не направиш ништо. Но, јас се одлучив да направам нешто неочекувано. Нешто што не очекувате од дипломати или експерти“, вели тој.

Во неговото излагање, белгискиот медијатор го повтори својот критичен став кон политиките на власта. Но, додаде и дека неговите критики не се насочени кон партиите, туку имаат за цел да ги поттикнат демократските вредности. „Ако прашате некој да го дефинира медијаторот, очекуваниот одговор би бил дека медијатор е некој што е неутрален. Но, тоа не е модерен концепт на медијатор кој треба да направи баланс меѓу различните партии – пример, ако имате моќна партија на власт, и слаба партија во опозиција, медијаторот треба да направи баланс, да ги изедначи и да им дозволи да разговараат. Тука не треба да се заборави улогата на граѓаните, на јавноста и медиумите, кои треба да помогнат во креирање на тој баланс. Токму затоа ги користев овие пораки [мемињата] за да ве охрабрам и да ја подигнам свеста на граѓаните за креирање на овој баланс кој е неопходен за демократија. Јас не сакам да ги поддржам партиите, туку да поттикнам дискусија за демократските вредности“.

Не може да знаеме колку г. Ванхојте ќе успее да влијае врз политичките партии да ја почитуваат демократијата во Македонија, но сигурно е дека ќе остане запомнет по својот неочекуван пристап. Можеби во време кога сме угушени од пропагандата од двете завојувани страни, можеби мачките кои кажуваат јасни пораки се многу подобро решение. „Со мемињата можеш да направиш многу. Сакам да пренесам јасна порака и да пренесам порака до луѓето кои не се запознаени со ситуацијата – кои не знаат за прислушувањето. Тие ќе ги разберат саркастичните пораки за да укажеш на проблем, и ќе ги заинтересираш да прашаат што се случува?“, вели г. Ванхојте на сцената на Engage.

Говорот на Питер Ванхојте започнува од 44:00

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments