0 коментари 4 мин. читање

Пандемијата на COVID-19 ги празни полиците и на локалните онлајн маркети

Ако посетивте или купивте производи од македонските онлајн маркети тогаш веројатно веќе забележавте дека некои од нив ве „пречекуваат“ со пораки за преголема оптовареност или добивате повик за промена на одредени работи во нарачката поради промена на залихата. Секако, сето ова се должи на паниката од пандемијата на коронавирусот COVID-19.

За е-маркетите веројатно и очекувано, но и оправдано, овие побарувања не се нормален начин на работа и се неподготвени за екстремно зголемената побарувачка, особено на средствата за дезинфекција и основните намирници како брашно, зејтин, шеќер…

Поради ова некои од производите не се постојано достапни, а дел од предизвиците со кои се соочуваат се и доцнења во испораката. Сепак дури и во вакви услови онлајн маркетите со кои што разговаравме, Paket.mk и e-Tinex.mk, успеваат да ги комплетираат сите испораки.

Известување на Paket.mk за преоптовареност

e-Tinex.mk

Тинекс својата онлајн продавница ја отвори на крајот на 2018 и веднаш станаа една од најголемите локални онлајн продавници. Од самиот почеток продаваа 6 000 различни производи, од зеленчук и овошје, до средства за хигиена и производи за домот. Во е-продавницата може да најдете сè што е достапно и во супермаркетите, а производите ќе ви бидат испорачани дома.

Дали забележувате поголема побарувачка што би можела да биде последица на вестите за коринавирус?

“Со ширењето на вирусот COVID-19 во Северна Македонија, забележан е значителен пораст на продажбата во нашите TINEX маркети, но исто така и на нашата интернет продавница e-tinex.mk.”

Успевате ли да постигнете со испораките?

“Бројот на нарачки од e-tinex.mk е во постојан раст од претходната недела, иако делумно ова зголемување се должи и на промотивните активности кои ги спроведовме пред и за време на Денот на жената 8-ми март. E-tinex.mk како најголема и најдобро опремена интернет продавницa, во моментот располага со сите потребни ресурси, а нашиот тим е максимално посветен и подготвен да одговори на барањата на потрошувачите, со цел сите нарачки да бидат процесирани и доставени до нашите потрошувачи, без застој. Сепак, од оваа недела нашиот тим работи со полн капацитет испорачувајќи го максималниот број на нарачки на дневно ниво.”

Што најчесто купуваат луѓето?

“Најголем пораст на продажбата има на основните производи, како брашно, леб, зејтин и млеко, на конзервирани производи и на грав, грашок, леќа, и сл. Дополнително, имаме зголемена продажба и на производите кои редовно се нарачуваат од нашата интернет продавница, како пакети вода, газирани и негазирани пијалаци, детергенти за алишта и др.”

Пакет.мк

Paket.mk е онлајн продавница која започна со работа во средината на 2018. Онлајн продавница овозможува купување и достава на производи. Креатор на продавницата e Драган Јосифовски, кој претходно имаше искуство со divano.mk и уште неколку други проекти.

Што се случува на Вашата онлајн продавница во моментот?

“Како што забележавте имаме и известување дека се соочуваме со екстремно зголемена побарувачка. Тоа дефинитивно се должи на паниката која се создава со Ковид-19. Мислам дека луѓето избегнуваат непотребни изложувања, па така се повеќе луѓе се одлучуваат да купуваат онлајн. Забележуваме многу нови купувачи, а старите купувачи купуват почесто и во поголеми количини. Забележлив е огромен раст на нарачките по секоја објавена клучна вест за коронавирусот.”

Што најчесто купуваат луѓето?

“Купуваат она што купуваат и обично, но забележлив е растот на побарувачката за хигиенски производи, средства за дезинфекција, здрава храна, свежо овошје и зеленчук, како и храна која подолго може да се складира.”

Дали успевате да одговорите на овие побарувања?

“Да, сега веќе успеваме да доставуваме без позначителни доцнења. Во првиот ден не успеавме да доставиме навреме секаде, бидејќи не го очекувавме овој шок. Сега веќе доставуваме навремено. Термините се ограничени согласно капацитетот, па така се случува да нема термини за 2 или 3 часа, но секогаш има слободен термин за истиот ден. Поради екстремно зголемената побарувачка се потрошија количините кај добар дел од производите, но веќе од денес пристигнуваат нови количини. За неколку дена производите ќе бидат повторно на залиха. Ние сме подготвени да одговориме на вакви ситуации и нашите купувачи и понатаму ќе добиваат квалитетна и навремена услуга.”

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Мени
Заедница
Изглед
To top