Иако за некои Oppo е “само уште една кинеска компанија за телефони”, во моментов е процентуално на петтото место на светскиот пазар за смартфони, со присуство од 8.7%. Компанијата е многу позната во Кина и во Индија, и во последниве неколку години има неколку навистина иновативни уреди. Кога го претставија Oppo Find X во 2018-та, тој беше првиот уред со подвижна камера кој гледано од напред, е целосен екран со минимални рамки.
Година и пол подоцна, Oppo го најавуваат Find X2 Pro, новиот предводник на компанијата кој би требало да се натпреварува со најновото од Samsung и Huawei. За разлика од неговиот претходник, Find X2 Pro нема подвижни делови, но сепак успева да изгледа модерно.
Надворешен изглед
Кога дискутираме бои, достапен е во црна боја, како и во портокалево-златна варијанта со кожа на задниот дел на уредот. На предниот дел се приметува дека екранот е опкружен со навистина минимални рамки, а предната камера е сместена во левиот горен агол. Назад ќе ги најдете камерите, кои со дизајнот по малку потсетуваат на S20 серијата на Samsung, сместени во горниот лев агол на уредот. Сѐ на сѐ, дизајнот е прилично едноставен и ништо не отскокнува како што беше случај со претходникот.
Хардвер и перформанси
Како што и му доликува на најдобриот уред од компанијата, Find X2 Pro не штеди на хардвер. Внатре ќе го најдете новиот Qualcomm Snapdragon 865 процесор, како и 12 гигабајти RAM меморија и 512 гигабајти внатрешна меморија. Покрај ова, уредот работи на 5G мрежи, што за жал не е нешто што би ви користело многу доколку го користите истиот во Македонија.
Батеријата доаѓа со 4,260 mAh, бројка која сама по себе звучи солидно. Она што е одлично е што има и поддршка за Oppo SuperVOOC 2.0 брзо полнење, што може да го наполни уредот целосно за само 38 минути.
Причината за вака големата батерија е екранот на Find X2 Pro. Истиот има дијагонала од 6.7 инчи и резолуција од 3168×1440, и доаѓа со 120Hz OLED панел, што го прави еден од најдобрите екрани на мобилен телефон во моментов. За разлика од Samsung, кај Oppo ќе добиете 120Hz дури и на максималната резолуција на екранот. Како дел од екранот е и O1 Ultra Vision Engine чипот кој е одговорен за конвертирање на содржината која ја гледате од 60fps во 120fps, а истата технологија многу веројатно ќе ја видиме и во наредниот OnePlus уред. Со оглед на тоа дека и Oppo и OnePlus се под капа на BBK Electronics, ова не е прв пат двете компании да користат исти технологии во нивните уреди.
Што е со камерата?
Иако огромен број на уреди во изминатава година одат со IMX586 сензор за своите уреди, Oppo сепак се решија за IMX689 сензорот со 48 мегапиксели, кој го развија заедно со Sony. Истиот е физички прилично голем, што значи дека има пиксели од 1.12 микрони. Теоретски, ова би требало да значи дека во услови кога нема многу достапно светло, уредот ќе може да даде употребливи фотографии.
Покрај ова, гледаме и перископ камера со 13 мегапиксели со 5 пати оптички зум, како и IMX586 сензор позади широкоаголната камера со резолуција од 48 мегапиксели. Додека перископ камерата има до 10 пати хибриден зум, и до 60 пати дигитален зум, широкоаголната камера има видно поле од 120 степени. Истата може да се користи и за макро фотографија, бидејќи минималното растојание за фокус е само 3 сантиметри.
Oppo исто така го најави и обичниот Find X2
Покрај Find X2 Pro, компанијата го најави и обичниот Find X2, кој има минимални, но клучни разлики со својот помоќен брат. Најголемата разлика е во камерите, бидејќи добивате сензор од 12 мегапиксели за широкоаголната камера, како и помалку напредна телефото камера. Исто така, има минимално помала батерија со 4,200 mAh, како и 256GB меморија наспроти 512GB кај Pro моделот. Покрај ова, уредот е и малку потенок и полесен, и не доаѓа во портокаловата боја.
Уредите се очекува да чинат 999 евра за обичниот, и 1,199 евра за Pro верзијата во Европа. Дали ќе ги добиеме кај нас и по која цена, останува да видиме. Доколку софтверот е солиден и нема проблеми со камерата, Find X2 Pro би требало да е одличен премиум уред.