Фотографии и звуци од Скопје наскоро ќе се појават во новата игра The Seed сместена во постапокалиптичната 2026-та година, некаде во Источна Европа. Играта е се уште во развој, и во потрага по 15.000 фунти преку краудандинг и Kickstarter, но зад неа стои инвеститор кој е подготвен да ја релизира и тим кој е наградуван за својата работа на Misery модот. Како што се сеќавате Скопје се појави и во интрото на Misery модот, благодарение на Дамјан Цветков-Димитров кој работи на приказната и ефектите на модот, и кој сега е дел од тимот зад The Seed. Но, за разлика од Misery модот, кој е креиран врз авантурастичката игра за преживување S.t.a.l.k.e.r, новата игра The Seed е всушност наративна игра, направена како интерактивна книга која зависи од фантазија на играчот. Можеби ова ќе ве потсети на деведесетите кога игрите бараат повеќе инволвираност и дозволуваа играчите сами да си ја креираат приказната. The Seed е направена така да го подобрува персонализираното искуство, нудејќи 50 алтернативни краеви кои зависат од одлуките на играчите.
„Сакавме да се фокусираме на нарацијата, на текстуалниот аспект и на имагинацијата на играчот, но сето тоа да го сместиме во форматот на високо реалистични видео игри. Ова е почеток на еден свет што ќе го развиваме понатака и во turn-based стратегија и/или survival FPS 3D игра. Но мора да се стигне до тоа, и прво сакавме да издадеме наш сопствен продукт со висок квалитет, изграден од клучните луѓе што веќе го направија Misery модот. Сакавме сопствен свет кај што би имале многу поголема слобода одколку во рамките на модовите“, вели Дамјан.
The Seed е креирана за постара публика која сака поголем предизвик од нивните игри, и која сака да се внесе во деталите на игрите. Се изработува од истиот тим кој стои зад Misery модот, со разликата што сега членовите од тимот имаат малку поразлични улоги. Пример, Дамјан, кој работи на Misery како креатор на приказната и видеата, за Seed работи и на програмирањето на играта, покрај програмирањето на аудиото и секако, на приказната.
„Овој пат јас работам на создавање на целиот интерактивен дел, програмирање на играта, програмирање на процедуралниот аудио систем што се вклопува во однос на графичките елементи (на пример повеќе ветер ќе значи побрзо движење на чадот во позадина). Сцените се фотографии сликани од тимот во дузина држави низ Европа, кои потоа се постпроцесирани до перфекција од страна на основачот на фирмата и играта Никола Аерое. Тој е воедно и основачот на Misery. Јас исто така ја водам основната приказна во светот на The Seed, но со тој аспект ќе почнеме да работиме полна пареа кога ќе ги имаме воспоставено сцените. Инаку за сцените користиме динамични елементи од фиксни перспективи на камерата, и специјално обработени транзиции. Дождот, чадот, прашината реагира на тоа што се случува со звукот, поврзани се со процедурален енџин што генерира уникатни комбинации и се погрижува визуелниот и звучниот елемент да е синхронизиран“.
Иако Seed собира пари преку Кickstarter, чија заедница ја има веќе дадено својата поддршка за Misery модот, сепак играта ги има 50% од потребните трошоци да биде објавена. Поголемиот дел од парите се инвестирани од англиската MDT и нејзиниот основач Николаи Аерое, а помал дел од тимот. Парите од Kickstarter ќе ги искористат за креирање на сајт, промоција, развој и пост-продукција. Играта е замислена да биде десктоп игра, но ќе има и мобилна верзија за iPad 2 и новите таблет компјутери за да се генерираат потребните приходи за понатамошниот развој на играта, објаснува Дамјан.
(Disclaimer: Дамјан Цветков-Димитров беше автор за IT.com.mk во 2012-та година, но неговата работа на Misery, The Seed и било што друго не е поврзано на ниту еден начин со порталот. Ова не е ПР текст за неговата работа, туку, како сите други, текст за можностите да се работи на нешто поврзано со ИТ)









