Основачот и директор на Research in Motion, Мајк Лазаридис, со видео се извини за недостапноста на BlackBerry сервисите која во последниве три дена ги зафати милионите корисници ширум светот. Ова е најголемото срушување на сервисите на RIM што им се случило до сега.
„Вие зависите од нас на достапна комуникација во реално време, и сега ние ве разочаравме. Го сфаќаме овој проблем навистина сериозно и имаме луѓе ширум светот кои работат постојано да ја разрешат оваа ситуација.“
Според г. Лазаридис, BlackBerry услугите сè уште не функционираат нормално целосно, но во последните информации објавени на официјалните канали се чини дека сервисите се функционални.
Откако сервисите ќе бидат онлајн и достапни за безбедно користење, RIM ќе започне истрага околу тоа што се случило и каде се појавил проблемот. Претходно беше објаснето само дека имало проблем со инфраструктурата на RIM, а бекап серверите откажале.