13 коментари 4 мин. читање

Онлајн водич за македонските студенти

Mladiinfo.com

Одличен сервис кој ако редовно го посетувате сигурно ќе најдете нешто што ви одговара. Секојдневно на сервисот има нови стипендии за сите нивоа на образование, информации за тренинзи и конференции на кои може да учествувате, можности за практиканстка работа и вработување, можности за спонзорирање на проекти и невладини организации,  натпревари од секоја област и најновата опција – информации за волонтирање. Од сопствено искуство, бидејќи често ја посетувам страницата, таму најдов информации за неколку натпревари на кои учествував до сега и ми се отворија дополнителни можности. Ако си ја букмаркирате нема да згрешите.

Национална агенција за образовни програми и мобилност

Ова е јавна државна агенција која е задолжена да ги презентира условите за мобилност во Македонија. Овде има повеќе програми и оваа агенција покрива можности за целото образование, почнувајќи од Комениус за ученици во средните и основните училишта, Еразмус програмата која е наменета за студентите,  Млади во акција која е наменета за невладини организации, јавни тела или неформална група на млади луѓе и останати можности за другите сектори во образованието како можности за самите институции или пак за вработените во образовниот процес. Важно за студентите е дека за да можат да учествуваат во Еразмус програмата, нивниот универзитет треба да има договор со Еразмус, што засега го имаат само државните универзитети. На оваа страница не толку често се појавуваат новости, но оние кои студираат на опфатените факултети, истите информации можат да ги дознаат и од својот факултет.

DAAD

Германска Академска Служба за Размена е организација на германските високо – образовни институции и студентcки корпорации во Германија. DAAD секоја година доделуваат голем број стипендии на студенти, академски кадар и научници. Одлично е тоа што можат да аплицираат и студенти кои не го знаат германскиот јазик, затоа што постојат многубројни програми кои се изучуваат на англиски јазик, кој го знаат поголемиот дел од македонските студенти.  Работи на принципот што вие најпрво мора да искомуницирате со саканиот факултет во Германија, да добиете потврден одговор дека би ве примиле да студирате таму ако добиете стипендија, па ги поднесувате документите. Лично познавам неколку студенти кои ги искористија овие можности, а има најразлични стипендии, за сите по нешто.

Basileus

Басилеус програмата е програма за Западен Балкан која е многу слична на Еразмус програмата, со предноста што овде може да аплицира секој студенти од застапенитe држави. Клучниот дел на Басилеус е мобилноста и стипендии за студентите, за жал не од многу голем број. Има специјални стипендии за малцински групи и хендикепирани студенти. Многу одлични универзитети се вклучени во оваа програма, и студентите се повикани да изберат и да аплицираат на повеќе од нив наеднаш за да им се зголемат шансите. Басилеус стипендиите ги покриваат сите трошоци за студирање во странство.

Образовен информативен центар Скопје

Овде можете да најдете информации за стипендии, јазични школи, тестови кои ви се потребни за студирање во странство, разни курсеви и професионални обуки. За овој центар дознав на саемот на образование кој се одржува секоја година во Скопје, и на нивиот штанд имаше навистина голем број интересни понуди, особено во областа на економијата и информатиката.  Редовно ја обновуваат страницата со нови понуди за стипендии, а имаат и универзитети со кои имаат соработка секоја година, па можете да се информирате во секое време.

Фулбрајт програмата за Македонија

Ова е проект од американската влада и кај нас се одвива преку американската амбасада. Има програма за стипендирање на македонските студенти , специјална програма за докторски студии во обласнта на технологијата и науката, и можности за вработени во образованието. За да се аплицира за оваа стипендија има поголем број на услови, вклучувајќи и полагање на стандардизиран тест за соодветната струка, и тестовите не се баш лесни, но трудот вреди за можностите кои ги нудат.

Моја кариера

Функционира така што организира е-саем секоја година каде може студентите да разговараат со компаниите кои се вклучени во е-саемот,  и можеби да им се отвори некоја можност. Порталот исто така преку целата година објавува огласи за практикансткса работа во најразични фирма, поретко и за вработување.  Исто така, на порталот имаат и совети за креирање на вашето CV и како да напишете успешно мотивационо писмо.

Together Macedonia

Ставив линк од нивната Facebook страница затоа што нивната интернет страница е поретко обновувана и вистинскиот начин да бидете информирани навремено е ако ги следите на Facebook. Together Macedonia се дел од европската мрежа на младински организации Together, и соработуваат со  Европскиот Волонтерски Сервис и слични организации, и овозможуваат можности за волонтирање на младите луѓе во Македонија. За да аплицираш не мора да си студент, но мора да бидеш во старосната граница од 18 до 30 години. Волонтирањето се одвива во невладини, непрофитни и јавни органзации, има позиции од најразлични обласни во најразлични земји. Ако бидете прифатени, ќе добиете грант кој ќе ги покрие сите трошоци додека сте во странство како патување, сместување, осигурување, обука и џепарлак. Времетраењето на волонирањето се одвива од 1 до 12 месеци, зависно од понудата. За секој кој сака го истражи светот а во исто време и да напредува во својата професија, волонтирањето на ваков начин е одлична можност.

Се надевам овие линкови ќе бидат доволни за да го почнете своето истражување. Во ова денешно време, нема потреба да трчате по шалтери, кога можете со едноставни неколку клика да ја најдете идеалната можност за вас, која можеби ќе ви го промени животот.

Коментари

13 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top