Доколку го следите хаштагот #СедиДома – кој добива на сѐ поголема популарност и кој ги промовира превентивните мерки за седење дома во самоизолација со цел спречување на пандемијата на коронавирусот COVID-19, ќе забележите интересни содржини и дискусии за тоа што треба да правите дури седите дома во карантин. Една од поинтересните теми којашто може да се пронајде при пребарување на овој хаштаг е тоа дека театрите – Македонскиот Народен Театар (МНТ), Театар Комедија како и кумановскиот театар неделава емитуваат дел од својот репертоар преку објавување на претставите на YouTube.
“Драга публико, бидејќи овие денови не можете да уживате во магијата на театарската игра, МНТ е секогаш тука за вас. Од утре со почеток од 20 часот стартуваме онлајн и во вашите домови, каде што бесплатно преку нашиот YouTube-канал можете да ги гледате претставите со следниот редослед: 18.3. „Сомнително лице“, 19.3. „Изгубени Германци“, 20.3. „Парите се отепувачка“, 23.3. „Да тргнеме Сењор“ и 24.3. „Мајсторот и Маргарита“. Останете дома, почитувајте ги препораките, бидете со нас и гледајте нѐ онлајн. “ – гласи веста објавена на страната на МНТ.
Додека претставите на МНТ се објавуваат на нивниот YouTube профил премиерно во закажаното време и потоа остануваат достапни за преглед, претставите емитувани од Театар Комедија се емитуваат во формат на “live stream” и по емитување не се достапни.

Интересен податок е дека претставата “Сомнително лице” објавена во среда, 18.03, досега има 54 000 прегледи, додека “Изгубени Германци” повеќе од 11 000 прегледи. И покрај тоа што станува збор за снимени претстави во 2007-ма и 2013-та година, со ваквите бројки може да заклучиме дека театарските сали никогаш не биле волку “полни”.
На јутјуб каналите на МНТ и Театар Комедија идат претстави во живо.
— Небиднина Реновира (@nebidnina1) March 18, 2020
Во првите 15 мин имаше 8.2к гледачи на МНТ и 2.6к гледачи на комедија, вкупно 10.8к.
Во просек по 2 да гледаат заедно, значи над 20к си седат дома.
Браво❤️#седисидома гледај си театар 😊👏

И покрај тоа што овој чекор на театрите е за поздрав, бидејќи на публиката која е заглавена дома им ја нуди бесплатно својата содржина и им овозможува да го пополнат своето слободно време, дел од гледачите го критикуваат овој чекор истакнувајќи дека театарските магија е изгубена кога претставите не се гледаат во живо. Дел од коментарите се дека тонот на самите претстави не е професионален и некои претстави се снимени од само еден кадар, но причината за тоа е што всушност, како што појаснуваат од МНТ на својот Facebook профил, станува збор за архивски снимки наменети единствено за архивите на театарот и дека единствената причина поради која ги објавуваат е вонредната ситуација.
сношти се поддотеравме тро со мојата најуба, најпаметна и најсакана сопруга, ја одгледавме театарската претстава “Сомнително лице” во дневната, отидовме да ги посетиме децата во детската и потоа свративме на по една пијачка во кујната, пред да си легниме во спалната
— Густав Охридски (@Nopak_od_Varosh) March 19, 2020
Каде да ги гледате претставите
МНТ
Претставите на МНТ со гореспоменатиот репертоар може да ги гледате на YouTube профилот на МНТ на следниов линк, премиерно секој ден оваа недела од 20.00 часот.
ТЕАТАР КОМЕДИЈА
Претставите на Театар Комедија може да ги гледате премиерно и во моментот додека се емитува стримот на нивниот YouTube профил на следниов линк, со почеток од 21.30 ч.
ТЕАТАР КУМАНОВО
Видеата од претставите на кумановскиот театар се објавуваат на YouTube профилот Aleksandra M, но се поставени како “unlisted” (објаснување: можат да се гледаат само со директен линк). Досега се објавени следниве претстави: ,,Ревизор“ , „Бегај, еве ја жена ти 2″ и детската претстава ,,Волшебникот од ОЗ“.
СКОПЈЕ ТАНЦОВИОТ ТЕАТАР
Скопје танцовиот театар од 23.03.2020 година (понеделник) во периодот помеѓу 18:00 и 20:00 часот, ќе започне со бесплатно емитување на своите претстави на својот YouTube профил на следниов линк.