One Hand Clapping е игра која ја играте со пеење

Ако некаде се охрабрува инвентивноста во игрите тоа е помеѓу независните развивачи. Инди сцената може да се пофали со бројни уникатни наслови кои таргетираат поспецифични групи гејмери со невообичаените гејмплеј механики. One Hand Clapping е една таква инди игра.

За да започнете со играта задолжително е да користите слушалки и микрофон. Доколку не сте расположени да пеете, мумлате, или ракоплескате, нема далеку да стигнете во играта. One Hand Clapping целосно имплементира механика на решавање загатки преку пеење. Иако движењето на човечето е едноставно, бројните предизвикувачки загатки ги решавате така што пеете за да ви се осветли патот, за да кревате најразлични кутии, за да активирате механизми, и многу повеќе. На самиот почеток, нема никаков предизвик и можете да пеете апсолутно што сакате и како сакате, иако, мора да признаеме, целото искуство за нас беше исклучително чудно и не принуди да излеземе од нашата зона на комфорот.

Подоцна, забележувате дека загатките знаат да бидат исклучително покомплицирани. Треба да внимавате како пеете, односно со какви тонови, кога да не пеете и како да манипулирате со одредени предмети кои се движат со звуците кои ги правите. One Hand Clapping има пет светови, а доколку ви работи логиката и правилно ги користите елементите кои ви се на располагање, секој свет го завршувате за околу еден час. Но, вреди да се спомене дека секој свет е значително попредизвикувачки од претходниот и доколку сакате манипулација со пеење, но не и прогресивно тешки загатки, со играта ќе се најдете во непријатна ситуација и бргу ќе ги изгубите нервите да ја истерате играта до крај.

И покрај ова, од почеток до крај доминира релаксирачка атмосфера потпомогната не само од суптилната музичка подлога, туку и од визуелниот стил кој црпе инспирација од исламска архитектура. Вистинско задоволство е да се истражуваат уникатните и невообичаени светови, особено по успешно завршување на одредена загатка. Но, не можеме, а да не забележиме дека вистинските потенцијали би можеле да бидат искористени само кога би се понудила и подлабока приказна. Уникатниот дизајн и механиките со гласовна прогресија се чинат како совршени за фузија со комплексивен наративен лор, но она со што сме оставени е исклучително „лесна“ приказна која се одмотува само во ретки моменти, како клупче кое никој не го сака.

И покрај ова, One Hand Clapping е инди игра која се истакнува од морето инди игри, со пристапна цена, уникатен визуелен стил и несекојдневни гејмплеј механики. Да не нѝ зборуваме за тоа колку е забавна кога се игра во група и кога заеднички пробувате да пеете, мумлате и тропате, особено во оние ситуации кога навистина треба да се погоди тонот.

Со својата инвентивност, играта веќе има соверено еден куп награди, а моментно ужива 82% позитивни рецензии на Steam. Така да, доколку барате невообичаени, предизвикувачки авантури засновани на музика и ритам, One Hand Clapping е повеќе од солиден избор!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments