Од Холандија и Германија назад во Македонија, Thinker POS со мисија да го дигитализира македонското угостителство

во ИТ.МК

Најголем дел од македонските стартапи ја гледаат Македонија како полигон за развој на прототип пред да заминат на странски пазари. Thinker POS го направи спротивното. Стартапот успешно работи во Холандија и Германија, а сега одлучи да се врати дома, и да го донесе своето решение на македонскиот пазар. На македонскиот пазар доаѓаат со амбицијата да го модернизира домашното угостителство со технологија која не само што го олеснува работењето, туку создава нови работни места.

Разговаравме со извршниот директор на Thinker POS, Виктор Николовски, за тоа како успеваат да се натпреваруваат на европските пазари, за технологијата што ја користат, и за нивната визија за иднината на угостителството во Македонија.

Виктор Николовски

Како би ја опишале основната филозофија на Thinker POS и како таа се одразува во производите што ги нудите?

Нашата основна филозофија е да го модернизираме угостителството и да донесеме напредни ИТ решенија дома. Со Thinker POS, им овозможуваме на угостителите полесна контрола, поголема ефикасност и донесување точни и навремени одлуки кои го поттикнуваат растот и успехот на нивниот бизнис.

Вообичаено македонските стартапи се развиваат во друга насока; Македонија ја користат да развијат MVP или „proof of concept“, и потоа се префрлаат на поголеми пазари. Вие веќе имате производ кој функционира, од каде желбата да се „вратите“ на македонскиот пазар?

Во право сте, нашиот продукт веќе успешно е присутен на поголеми пазари како Холандија и Германија. Но, сепак Македонија е нашиот дом и како што секогаш сакаме да го донесеме дома она што ни се допаѓа, така одлучивме и нашето решение Ecash да го донесеме токму тука, таму каде што најмногу ни значи да го видиме во употреба. Со неговиот пласман на домашниот пазар отворивме нови работни места за амбициозни луѓе, на кои им овозможуваме средина што поттикнува постојан кариерен раст и професионален развој.

Како изгледа технолошкиот стак на Thinker POS и зошто го избравте токму тој пристап? Кои се неговите најголеми предности во угостителската индустрија?

Нашиот технолошки стак вклучува AWS (EC2, S3, ELB, SNS, RDS), RabbitMQ, IdentityServer, како и .NET и Angular за развој на мулти-платформски решенија.

AWS ни овозможува лесно управување со сертификати, висок степен на заштита и можност за едноставно скалирање преку Elastic Load Balancer. Работата со датотеки е динамичка и интегрирана преку S3 сервисот, а нотификациите се управуваат преку моќниот SNS сервис. Податоците ги чуваме безбедно во базите преку RDS сервисот.

.NET како стабилна, модерна и безбедна околина за развој на multiplatform локални или интернет сервиси, додека Angular ни овозможува креирање на робустни веб multiplatform аппликации. Нашата апликација е достапна на Apple Store, Google Play и Microsoft Store.

Иако изборот на технологии не е специфично ориентиран кон угостителската индустрија, тој ни дава општи предности како што се високата безбедност, лесните надградби, пристапот до глобалните маркети и едноставните интеграции, кои заедно ја прават нашата платформа сигурна и флексибилна за корисниците.

Како DMA и новите регулативи од Apple и Google влијаат на развојот и одржувањето на вашите апликации на европскиот пазар?

Прилагодувањето кон новите регулативи, како што се DMA и правилата од Apple и Google, носи зголемени трошоци за одржување на апликациите. Сепак, тие регулативи го промовираат фер натпреварот и ни овозможуваат да се натпреваруваме со поголемите софтверски решенија на европскиот пазар. Исто така, лесната интеграција со платежните системи и cloud услугите ни дава дополнителна предност како ПОС софтвер.

Како Thinker POS донесува одлуки за развој на нови функционалности? Дали клиентите се активно вклучени во овој процес?

Нашиот Backlog се состои од филтрирани барања од нашите дистрибутери. Секое барање кое дистрибутерот ќе го процени како значајно влегува во процес на разгледување, одобрување и имплементација во некоја од наредните верзии. Сепак, не сите барања можат да бидат прифатени, многу специфични барања кои важат и имаат смисла само за поединци и нивниот уникатен начин на работа не се дел од општото решение.

Како се прилагодувате на промените во угостителската индустрија? Кои се следните големи трендови кои планирате да ги интегрирате во вашиот производ?

Прилагодувањето на промените во угостителската индустрија го гледаме преку автоматизација и намалување на потребата од работна сила, особено поради сè поголемата недостапност и неквалификуваност. Со системот за нарачки директно од маса значително се намалува потребата од прием на гости и услужување.

Сепак, дигиталното мени со можност за нарачка и наплата само по себе не нуди целосно искуство. Искусен и културен конобар кој ќе ве пречека со насмевка, ќе ви раскаже дел од приказната на локалот и ќе ви препорача од менито создава многу подобро корисничко искуство.

Затоа планираме да развиеме Ecash AI Waiter интелигентен виртуелен асистент интегриран во дигиталното мени, кој преку пристап до податоци ќе учи да го презентира угостителскиот објект како и неговата историја и да препорачува најпогодни и најбарани производи според сезоната, времето од денот, видот на исхрана, преференции и алергии. На овој начин, ќе го надополниме она што се губи со дигитализацијата и ќе овозможиме поинтерактивно и персонализирано искуство за корисниците.

Thinker POS нуди решенија за различни типови угостителски објекти (ресторани, барови, кафулиња). Дали постои различна стратегија за прилагодување на производот на толку различни потреби на пазарот?

Секако, секој тип на угостителски бизнис има свои специфични потреби и бара различни прилагодувања на решението. Нашето искуство од 28 години, преку нашите партнери во оваа индустрија, ни овозможи да развиеме решение кое лесно се прилагодува на различни типови угостителски објекти (ресторани, барови, кафулиња). Thinker POS нуди широк спектар алатки кои овозможуваат ефикасност и безбедност во работењето, прилагодени на специфичните барања на секој клиент.

Која е вашата Go-to-Market стратегија и на кого се фокусирате, дали на мали угостителски бизниси или поголеми синџири?

Нашата Go-to-Market стратегија е насочена кон тоа новите пазари и дистрибутери да започнат со мали угостителски објекти. Важно е прво да се стекне искуство и длабоко запознавање со решението, за потоа успешно да се понуди и на поголеми бизниси. Во моментов, немаме големи синџири кои го користат нашиот софтвер, но имаме мали франшизи и поголеми објекти со по 3 до 5 локации.

Како стартап, кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во моментов и како планирате да ги надминете?

Најголемите предизвици со кои се соочуваме како стартап се зголемувањето на довербата во нашиот продукт и бренд. Тоа го постигнуваме преку прикажување успешни приказни од нашите задоволни, лојални и тренди клиенти.

Исто така, работиме на зголемување на приходите преку воспоставување партнерства за интеграции кои ја олеснуваат работата на угостителските објекти, како интеграции со терминали за наплата, смарт ПОС терминали, сервиси за достава на храна и системи за резервации.

Како изгледа процесот на имплементација на Thinker POS во еден угостителски објект?

Процесот на имплементација на Thinker POS во еден угостителски објект започнува со разговор и анализа на бизнис процесите на угостителот, по што предлагаме решение преку достапните модули. Доколку се одлучат за конкретни модули, следува внесување на артиклите, креирање на менито и цртање на планот со маси.

Потоа се одржува групна обука за менаџментот и се договара датум за монтажа на хардверските уреди.

Првиот работен ден со новиот софтвер се реализира заедно со претставник од нашиот тим, кој е присутен за да им помогне на менаџерите и да ги отстрани сите евентуални грешки при имплементацијата.

По успешната имплементација следува период на зголемена поддршка и грижа кон корисниците од 1 до 2 месеци, кој вклучува дополнителни обуки и поголема асистенција од нашиот тим.

Колку време во просек им е потребно на тимовите да се прилагодат на вашиот софтвер?

Нашето мото „Makes it easy“ ја одразува нашата посветеност да го направиме прилагодувањето на Ecash што полесно и без стрес за нашите клиенти. Ecash е толку едноставен за користење што многу пати нема потреба од дополнителна обука на персоналот, интуицијата ги води корисниците да ги направат вистинските чекори. Секако, ние организираме обуки за сите, но голем број од корисниците веднаш изјавуваат дека знаат како да го користат системот, а често добиваме и позитивни коментари дека претходно имале искуство со слични апликации во странство.

Кои се најчестите прашања и предизвици што ги имаат корисниците за време на процесот на адаптација?

Најголем предизвик за корисниците е воведувањето контрола на залихите и обуката на персоналот да регистрира сопствена конзумација, истурени пијалоци или храна, како и секојдневно затворање на сите отворени сметки за да контролата на залихите биде точна и прецизна.

Како вашиот тим за поддршка им помага да ги надминат?

Нашиот тим е достапен во секое време за директна поддршка при подесување на системот во нивната работна средина. Исто така, нудиме дополнителни бесплатни обуки во нашите канцеларии за одговорните лица, со цел да им помогнеме да ја подобрат или воведат контролата на залихи.

Како дознаваат новите угостителски објекти за Thinker POS?

Најчесто, новите угостителски објекти дознаваат за Thinker POS преку препораки од нашите постоечки задоволни клиенти. Веруваме дека најдобар маркетинг е искреното искуство и позитивните препораки од луѓе кои веќе ја користат и ценат нашата платформа.

Покрај тоа, активно соработуваме со дистрибутери и партнери кои ги препознаваат квалитетите на нашето решение и го препорачуваат на своите клиенти.

Исто така, учествуваме на релевантни саеми, конференции и настани во угостителската индустрија, каде што директно ги презентираме нашите продукти и можности. Дополнително, преку дигитален маркетинг и таргетирани кампањи настојуваме да ги достигнеме угостителите кои се во потрага по современи и ефикасни решенија за нивниот бизнис.

Сето ова во комбинација ни помага да ги прошириме нашите контакти и да стигнеме до нови корисници на пазарот.

Што велат сегашните клиенти за вас?

Сегашните клиенти често истакнуваат дека нашата поддршка е беспрекорна, брза, достапна и секогаш подготвена да помогне. Тие го ценат фактот што во секое време можат да се потпрат на нашиот тим за решавање на било какви предизвици или прашања.

Дополнително, преку Ecash се чувствуваат безбедно и имаат целосна контрола и увид во работењето на нивниот бизнис. Нашиот систем им овозможува да го следат секој сегмент од работењето, што им помага да носат поинформирани и подобри одлуки.

Ова е потврда дека инвестираме не само во технологија, туку и во односот со клиентите, со цел да им обезбедиме сигурно и ефикасно решение што ги поттикнува нивниот раст и успех.

Која е вашата визија за иднината на угостителската индустрија и што треба да направи Thinker POS за да биде дел од неа?

Нашата визија за иднината на угостителската индустрија е целосна дигитализација, без принтери, без печатени картички за лојалност и без готовина. Сепак, тоа мора да се направи на начин што ќе го зачува уникатниот дух и атмосфера на угостителството.

Thinker POS ќе продолжи да работи неуморно на воведување на најновите технологии и трендови, додека истовремено го чува традиционалниот угостителски дух. Нашето решение е јадрото на бизнисот и мора да овозможи користење на сите достапни алатки за унапредување и подобрување на бизнис процесите на нашите клиенти.

Што најмногу ве мотивира да работите на овој проект и што е најважната лекција што ја научивте како стартап?

Нè мотивира тоа што проектот е многу различен, полн со иновации и динамичен. Дополнително, ни значи што имаме можност да работиме со одлични колеги и колешки и да градиме нови пријателства.

Најважната лекција што ја научивме како стартап е дека истрајноста е клучна, таа е неопходна, но и лесно се губи ако не се негува. Затоа, секојдневно ја одржуваме преку нашиот сон за успех.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments