{mosimage}Nvidia повторно ќе ги разбрани страстите. Одвај стивнаа страстите од премиерата на двата топ модели – GTX 260 и GTX 280, а веќе се најавува “facelift” на моделот GTX 260. Facelift, фино брусење или фрлање вода в очи? Прашање на кое наскоро ќе добиеме одговор. А до тогаш, останува да се позабавиме со фактите.
Досегашниот модел GTX 260 ќе биде заменет со своја засилена верзија. Новата верзија, чиe јадро носи ознака G200-103-A2, се разликува од старата само по бројот на Shader процесорите, кој сега изнесува 216, наспроти досегашните 192. Поточно, тоа значи дека новиот графички процесор располага со 9 текстурни процесирачки кластери (ТPC), наспроти 8-те кај актуелниот модел (1 ТPC има 24 shader процесори).
Останатите спецификации се исти: 448 битен мемориски интерфејс, 896 МВ меморија со работен такт од 999 MHz (1998 MHz ефективни), 576 MHz работен такт на графичкиот процесор и 1242 MHz на shader процесорите.
Секако, оставен е простор на производителите на графички картички да ги менуваат работните тактови по желба. Така, Zotac и BFG претставија GTX 260 модели со 216 shader процесори со повисоки работни тактови од номиналните.
{mosimage}
Резултат е видлив скок во перформансите, судејќи според првичните тестови кои можат да се сретнат на интернет. Зголемените работни тактови и 24-те дополнителни shader процесори ги приближуваат новите картички кон топ моделот GTX 280.
Конкуренција во сопствената куќа? Донекаде да – во поглед на перформансите. GTX 280 донекаде ја “вади” повисоката цена на новите, засилени GTX 260 картички. Дали оваа доработка наговестува и измени кај GTX 280? Или Nvidia подготвува нешто сосема ново? Ќе знаеме наскоро.






