Во време во кое голем дел од нас телевизиската содржина ја добиваат преку онлајн стрим, My90stv.com (и уште неколку) се временски машини за како телевизијата се гледаше во минатото. Носталгичниот проект е дело на Џои Като кои покрај технологијата работи и на избор на содржина.
Ова го започнав од љубов. Моја цел е да го одржувам ажуриран колку што е можно повеќе. Сепак, оваа потрага може да одземе доста време (особено курирање на голема колекција додека се обидувам да ја одржам историската точност), вели Џои.
Ако сте носталгични по старите CRT-телевизори, но повеќе по програмата, Мy 90s TV е супер платформа. Периодот на деветесеттите е само еден дел. Покрај неа постојат уште неколку ТВ „станици“. Програмата е поделена по декади кои се достапни на засебни страници. Достапна е телевизијата од педесеттите, шеесеттите, седумдесеттите, осумдесеттите, деведесеттите и двеилјадитите години.

Штом пристапите на страницата ќе забележите виртуелен телевизор кој зафаќа најголем дел од екранот. Од десната страна се линкови (копчиња) кои водат до останатите страници за 50-ти, 60-ти, 70-ти… Сѐ што треба да направите за да погледнете нешто е да одберете содржина од листата и да го вклучите телевизорот. Да биде поинтересно, за телевизорите по седумдесеттите е достапно менување на каналите со виртуелен далечински управувач. За постарите телевизори ќе мора да прочепкаме по виртуелните копчиња.
Покрај различната програма секоја од „станиците“ има уникатен изглед ,што главно се должи на изгледот на телевизорот. Секако поважно од ова е програмата која е поделена по декади, но и по години.
Сортирањето е направено и по различни категории. Цртани филмови, комедии, драма, квиз, детски емисии, филмови, музика се дел од содржината која е достапна. Секако ниту едно искуство не е комплетно без реклами и трејлери. Најголем дел од содржината е поделена на сегменти, па ако се надевате дека ќе изгледате некој филм, за жал ќе мора да ве разочараме. Сегментите се долги по неколку минути, и иако се доволни за да ве зафати носталгија, не е доволно да изгледате цела серија или филм. Ова сепак зависи и од содржината.
Еден од недостатоците на платформата е што за жал содржината е главно од англиско говорно подрачје. Единствен исклучок е музиката која е малку поразнолика. Ова е разбирливо со оглед на тоа дека Џои го започнал овој проект како споменар на содржината која тој ја гледал на телевизија. За среќа приказната не завршува тука, авторот се надева дека ќе успее да креира различна локализирана содржина за останатите корисници. Прв чекор во оваа насока е додавањето на „custom“ плеј листи.
Ако барате некоја содржина која сте ја гледале во Македонија за жал My 90s TV не може да ви помогне. Сепак, пробајте и побарајте ја на Архивата на МРТ.







