Најголемиот светски производител на мобилни телефони Nokia најави „планови за дополнителни акции да ја распредели работната сила и операции“, односно ја затвара фабриката во Романија и ќе ги отпушт 2.200-те вработени од таму. Фабриката беше отворена само пред четири години и произведуваше поедноставни модели на телефони. Според Nokia, фабриките во Азија се на подобра локација за да се допре до саканата публика.
Ќе бидат отпуштени 1.300 вработени од единицата за Локација и трговија, вклучувајќи го и Navteq, провајдерот за гео-локациски услуги и мапи. Дополнително, Nokia најави и дека ја разгледува иднината на фабриките во Финска, Мексико и Унгарија, што исто така би можело да бидат затворени наредната година.
Сите овие отпуштања се заради слабата заработувачка од продажбата на телефони, губење на моментумот на пазарот на мобилни телефони и воопшто немање присуство на пазарот на таблет компјутери.
Сегашниве 3.500 отпуштања ќе се додадат на тие 4.000 од пред само шест месеци кога беа префрлени и 3.000 Symbian инжинери во Accentrure. Тогаш Nokia најави и дека до 2012-та година ќе се откаже комплетно од својата мобилна платформа Symbian поради неможноста да ја развие на ниво како што е iOS и Android, заостанувајќи на пазарот не само во квалитетот на понудени апликации туку и по бројот. Android и iOS имаат над 200.000, односно 300.000 апликации, додека Ovi Store на Nokia има само 50.000.
Меѓутоа Nokia влезе во соработка со Microsoft, според која ја прифати Windows Phone 7 платформата како примарен мобилен оперативен систем за своите идни паметни телефони. Тоа што е проблем е што се уште нема објавено Windows Phone 7 телефон. Првите уреди се најавени за почеток на 2012-та. Иако е во партнерство со софтверскиот гигант Microsoft, сепак не може да се предвиди како ќе се снајдат двете компании на пазарот на паметни телефони кој е доминиран од Google и Apple.
Инаку, Nokia вели, сите овие отпуштања се промени „со цел да се врати ефикасноста и брзината во организацијата“.