Повеќе од деценија како го следиме YouTube каналот Viva La Dirt League. Каналот редовно исфрла обично пародични видеа поврзани со игри, продавница за компјутери и, од време на време, видеа поврзани со PUBG, војна, ресторани, или бизнис индустријата. Еден од најпопуларните нивни видео серијали е поврзан со фиктивното фантазиско селце Ханивуд каде се користи секоја можна прилика да се исмеваат бројните (mmo)RPG игри. Доколку не сте го провериле каналот, верувајте дека пропуштате многу, дечките се феноменални! Како и да е, Nice Day for Fishing е RPG авантура која ве носи во живописниот свет на Азерим, каде што мистериозното исчезнување на хероите остава празнина која мора да биде пополнета. Играта нуди уникатен спој на фантазија, авантура и, секако, риболов. Секако затоа што во играта го водите еден и единствениот – Бејлин!


Приказната започнува во идиличното гратче Ханивуд, кое се соочува со непосредна закана од злокобна сила која ги искоренува сите вистински играчи. Бејлин, дотогаш познат само по своите риболовни вештини и утрински поздрави, одеднаш се наоѓа во центарот на случувањата. Неговата трансформација од пасивен NPC во активен авантурист е централна тема на играта. Како Бејлин, ќе имате за задача да го одбраните вашиот дом користејќи ја вашата верна удица и и новостекнатите магични способности?

Гејмплејот во Nice Day for Fishing се врти околу иновативни риболовни битки, принудувајќи ве да го прецизно темпирате вашето фрлање на јадицата и да користите магични способности за да ги надмудрите и совладате различните водни суштества. Исполнувањето на задачите не само што ја унапредува приказната, туку и ја зголемува вашата сила, отклучувајќи, притоа, нови магии. Изборот на вистинската мамка за специфичен улов и совршеното темпирање на нападите се клучни за постигнување на беспрекорна победа. Посебен предизвик претставуваат „бос“ рибите кои демнат во длабочините и бараат исклучителна вештина за да бидат совладани.

Истражувањето е исто така важен аспект на играта, при што се движите низ волшебните предели на Азерим, откривајќи нови задачи, ликови за спасување и, се разбира, нови видови риби за ловење. Движењето на јадицата низ подводните струи за да се достигнат тешко достапни пештери и надградбата на риболовната опрема за нуркање во поголеми длабочини додаваат стратешка димензија на истражувањето која би можело многу да ви се допадне доколку сте фанови на вакви слични наслови. Притоа, вашата удица ја можете да ја надградувате, односно да и ја зголемувате силата и да ги зајакнувате конците како би мамката можела да достигне поголеми длабочини. Паралелно со ова, ќе можете да користите и специјални алатки како магнетна јадица за извлекување скриени богатства или моќна дупчалка за пробивање низ пештерски ѕидови и отворање нови патишта.

За време на авантурите, Бејлин ќе пронаоѓа вредни ресурси од потонати бродови, кои можат да се искористат за обнова на уништеното село Ханивуд. Со помош на дрвосечачот и другите жители, полека, но сигурно ќе можете да го вратите стариот сјај на селцето. Секоја надградена зграда отклучува нова опрема и квестови од трговците, создавајќи чувство на прогресија и развој на заедницата.
Покрај сите овие работи, ќе работите и на комплетирање на бројни колекции на риби кои се различни за секој регион. Како награда, виде добивате божествени благослови во форма на надградени вештини, што дополнително ја зголемува ваата моќ и ефикасност во борбата против злото.

Кога ќе се земе се во предвид, Nice Day for Fishing нуди шармантно и уникатно RPG искуство кое вешто ги комбинира традиционалните елементи на жанрот со иновативни риболовни механики. Со својата привлечна пикселна графика, интригантна приказна за неочекуван херој и задоволувачки систем на прогресија, оваа игра ветува часови забава за играчите кои бараат нешто поразлично и освежувачко.








