New Arc Line можеби е во раниот пристап на Steam, но она што го има е сосема доволно за да ги заинтригира и најтврдокорните cRPG ентузијасти. Приказната е внимателно разработена, со интересни ситуации поврзани со вечните конфликти помеѓу оние што користат магии и оние што се целосно посветени на стимпанк револуција. Во мрачен свет полн со фантазиски суштества, ќе имате за задача да заземете страна и да се изборите за вашето место под сонцето користејќи најразлични технолошки и магични помагала.
Технолошка магија
Причината поради која ја сакаме Dragon Age: Origins е мрачната слобода. Во првата игра од овој серијал, можевте да бидете херој за пример, или монструм без срце. Одредени ситуации прикажуваа низа од предрасуди и сегрегации, вознемирувачка корупција која остава на вас да одлучите како ќе реагирате. Од наративна гледна точка, New Arc Line многу не потсетува на клучната идеја зад таквата филозофија – како да се понуди мрачна приказна врз која играчите имаат влијание.
Чедото на развојното студио Dreamate не се плаши да раскаже возрасна приказна бројна со вознемирувачки елементи. Паралелно со ова, константно сте опсипани со избор како да реагирате на одредени ситуации: ќе крадете ли кога не гледате друг избор или ќе пробате да дојдете до саканата цел преку дипломатски разговор (читај: лажење и измама)? Кога медените зборови не се доволни, дали ќе дадете збор на магиите, или пак ќе дозволите челикот да запее? Издизање од пепелта е долг и комплициран процес, а New Arc Line навистина се труди максимално да ве провлече низ целото патување.
Пред и да го започнете вашето патување во New Arc Line, потребно е да одберете раса, изглед, позадина и да подесите еден куп пареметри поврзани со вашите способности Во зависност од расата и позадината, различно ќе бидете третирани во играта, нешто што зема уште поголем замав доколку донесете контраверзна одлука. За среќа, нема да морате сами да се соочувате со последиците од тие одлуки. За брзо време ќе се запознаете со најразлични ликови и со заедничка помош ќе ги истражувате бројните идни предизвици. И, да, пред и да прашате, имате интересни можности за развивање и одржување романтична врска со некои од сопатниците.
Што се однесува до самите битки, се работи за стандарна cRPG turn-based механика каде имате вашите и непријателските напади се засновани на земање редови. Кога ќе дојде редот на некоја од вашите единици, ќе можете да изберете дали да имплементирате офанзивни или дефанзивни стратегии.
На располагање имате запрепастувачко голем арсенал од вештини, рецепти, оружја и опрема. Тоа што се биткитe turn-based ви дава уникатни можности за стратешко анализирање на бојното поле и, барем според нас, позабавно имплементирање тактики. Ни се допаѓа силната поделеност на магијата со технологијата.
Во зависност од тоа која дисциплина ќе следите, битките знаат да бидат значително поразлични. За среќа, ако вашиот лик оди со целосна посвета на аркадна магија, ќе имате некој сопатник кој е со различни животни убедувања и е целосно посветен на технологијата. На овој начин, низ битките ја имате уникатната можност да го искусите најдоброто од двата света.
New Arc Line е игра која е во раниот пристап на Steam. И тоа се познава. Многу работи се крајно неисполирани; движењето и анимациите знаат да бидат неверодостојни, а тука се и проблематични багови кои значително може да го загрозат вашето искуство. Но, New Arc Line чини само 17 евра. За тие пари, она што го има тука навистина вреди. Доколку уживате во cRPG наслови како Baldur’s Gate, a паметите интересни наративни моменти со Dragon Age: Origins, тогаш New Arc Line е игра која не би требало да ја испуштите. Се работи за прекрасен, детално разработен свет, арсенал од спектакуларни способности и впечатлива приказна. Со нетрпенио очекуваме да видиме што тимот ќе направи со играта во иднина.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Dreamate
- Издава: Fulqrum Publishing
- Жанр: cRPG
- Платформа: PC
- Излезе на: 26 ноември 2024