По турболентниот период на развој и тестирање, Netherworld Covenant конечно ја доби верзијата 1.0 на 9-ти декември годинава. Насловот, развиен од студиото MadGoat, а издаден од Infini Fun, е мрачна фантазија која ги уникатно комбинира елементите на изометриски акционен roguelike со немилосрдната тежина која е карактеристична за soulslike жанрот. Вооружени со мистичен артефакт познат како Nether Lantern, подгответе се често да умирате додека истражувате свет растргнат помеѓу реалноста и подземјето. Финалната верзија успеја ем да ја заокружи приказната, ем да понуди значително проширување, овозможувајќи ви едно комплетно и стратешки длабоко искуство.

Netherworld Covenant има и солидно демо!
Netherworld Covenant се одликува со борбен систем кој намерно избегнува брзо и неконтролирано притискање на копчињата, туку, слично на горе-споменатите жанрови, бара прецизност и тактичко размислување. Клучната гејмплеј механика бара внимателно темпирање при парирање, избегнување напади и позиционирање преку способноста Ethereal Dash. Секоја пресметка со разноликите непријателите носи тежина и ризик; направете грешка и ќе бидете казнети брзо и сурово. За разлика од слични вакви наслови, Netherworld Covenant се одликува со системот Soul Companion, при што можете да случувате пактови со душите на паднатите сојузници. Ваквите спектрални сојузници се разнолики и нудат активни способности кои значително влијаат на динамиката на борбата.

Со верзијата 1.0 и додавање на последните две поглавја, наративот добива една задоволителна целина, со што вкупниот број на поглавја се искачува на шест. Приказната се одвива преку фрагментирани дијалози и откритија во кампот – зона која, очекувано, ви овозможува да ги надградувате вашите ресурси, да ковате оружја со демонска крв и полека да ја откриваат вистината за катастрофата и хаосот околу вас.
Визуелниот енџин во Netherworld Covenant користи изометриска перспектива за да прикаже детални, но морбидни опкружувања, каде што светлината и сенките играат клучна улога во видливоста и атмосферата. Дизајнот на чудовиштата и босовите е гротескен и инспириран од класичната мрачна фантазија, а истото би можеле да го кажеме и за звучниот дизајн. Кој и оддел да анализирате, ќе забележите дека тимот никако не сакал да користи кратенки и реда-ради тактики. Техничките подобрувања во верзијата 1.0 вклучуваат над 50 quality-of-life промени, како директен резултат на повратните информации од заедницата.

Најзначајниот аспект на лансирањето на 1.0 е драстичното зголемување на вредноста за преигрување. Имено, покрај оригиналниот меч, сега се достапни пет нови класи на оружја, вклучувајќи секира, стап, лак и копје, што овозможува сосема нови стилови на игра. Доколку барате, пак, дополнителен предизвик, воведени се Boss Rush режимот за директно соочување со главните непријатели, како и Chaos Mode (измешани мапи и рандомизирани позиции на непријателите). Дополнително, имате на располагање и нови козметички предмети и настани. Квалитетно пакување.

Најновата верзија прави Netherworld Covenant да прерасне во сериозен претставник на жанрот, нудејќи комплексно искуство кое бара и трпение и вештина. Високиот праг на тежина може да исфрустрира одреден дел од гејмерите, но дефинитивно ќе заврти глава-две на љубителите на тактичките акциони игри, особено на оние кои ценат длабок систем на борба и стратешките можности. На крајот на денот, сстабилната техничка изведба и богатството од нова содржина резултира со мрачна, но задоволувачка авантура. Подготвени ли сте да се соочите со бездната?







