Age of Mythology: Retold e достојна реинкарнација на култната стратегија од 2002 година

Почетоците на 2000-те години беа многу поразлични за фановите на стратегии. За разлика од сега, тогаш добрите стратегии можеа да се избројат на една рака и она што највеќе се играше припаѓаше или на Red Alert, или на Starcraft, или на Age of Empires серијалот. Охрабрени од успехот на Age of Empires, развојното студио Ensemble проба да заплива со познатата формула во митолошки води. Па така, во 2002 година излезе Age of Mythology – стратегија која многумина ја етикетираа на времето како Age of Empires, но со магии, односно митолошки суштества и божји моќи.

Овој интересен спин-оф се покажа исклучително популарен помеѓу гејмерите, особено кампањата која обработуваше интересни настани поврзани со митологијата и легендите на Грците, Египќаните и Норманите. Age of Mythology: Retold е детален римејк на хитот од пред 22 години и има за цел да ја понуди истата препознатлива забава во ново визуелно руво и со проширени механики, како во режимите за еден играч, така и во режимите за повеќе играчи.

Age of Mythology низ годините

Тоа што оригиналната игра е излезена во далечната 2002 година, не значи дека серијалот бил во мирување добри 22 години.

Напротив, во 2003-та година, излезе првата експанзија за играта. Насловена како The Titans, ја прошири приказната и воведе нови единици и механики.

Во 2014 години, меѓутоа, на Steam се појави Age of Mythology: Extended Edition. Оваа верзија се одликува со значителна визуелна надградба и бројни нови функции, како и проширувањето Age of Mythology EX: Tale of the Dragon.

Спој помеѓу модерното и носталгичното

Првото нешто што ќе го забележите во Age of Mythology: Retold е преубавата графика. Нема никакво сомневање во макотрпната посвета на бројни визуелни детали. Како резултат, добивате супериорно оптимизирани и преубави мапи кои одлично го прикажуваат судирот на трите цивилизации. Од друга страна, иако анимациите се значително подобрени, сепак се забележува одредено забрзано и несмасно движење кај сите единици, нешто што сметаме дека е намерно направено за да се долови убавината на оригиналната игра и да се освојат носталгичните фанови.

Без верба, овој спектакал е невозможен!

Доколку не ви е познат класичниот урнек на RTS игрите, во Age of Mythology: Retold имате за задача да одберете една од трите понудени цивилизации, да градите најразлични објекти во населбата, да „тренирате“ луѓе кои ќе собираат ресурси и потоа да ги користите ресурсите за дополнителни структури и единици. Целта е вашата цивилизација да просперира на сметка на непријателската. Поради тоа, обично ќе имате за задача да создадете доволно голема војска со која ќе можете целосно да ја пеплосате непријателската населба.

Верба собирате паралелно со дрво, злато и храна

Гневот на боговите

Во Age of Mythology: Retold вербата е еден од најважните ресурси. Што повеќе верба имате, толку почесто ќе можете да користите божји моќи и да тренирате митолошки суштества. Ова е нешто што треба да го знаете и да го практикувате уште на самиот почеток. Во спротивно, нема да имате многу среќа ако ја занемарите вербата и тренирате стандарни единици, додека непријателот „штанца“ кентаури, џинови, киклопи и хидри. Секоја цивилизација се одликува со различни богови, единици и митски суштества, а и „произведува“ верба на различни начини.

Како резултат, добивате уникатно нелинеарно искуство, особено во мрежниот дел од играта. Порано, можевте само еднаш да искористите божја сила, но, сега, можете многу почесто, принудувајќи ве константно да очекувате и да се прилагодувате на разорувачки напади. Божјите сили се впечатливи и забавни и, доколку се користат во вистински моменти, знаат да бидат клучни алатки за издвојување победа. Но, пред да почнете со мрежниот дел, строго препорачуваме да поминете низ кампањата.

Целата кампања служи како еден вид долг туторијал кој полека, но сигурно, ве запознава со механиките за играта. Башка, мисиите се навистина интересни и детално ве запознаваат со одредени легенди, ликови и настани. На некои играчи можеби нема да им се допадне недостаток на соодветен предизвик, но ние со задоволство се навративме на мисиите кои последен пат ги имавме играно пред добри 20 години. Нема да лажеме, за нас, ова беше пријатно носталгично патување кое е мајсторски преточено во модерна форма.

Покрај стандардни битки и издвојување победа преку насочување единици и разорни божји моќи, победа ќе можете да издвоите во мрежниот дел и преку механиката поврзана со светските чуда. Имено, доколку имате доволно ресурси, ќе можете да направите чудо. Доколку успеете доволно долго да го браните чудото, автоматски можете да извлечете победа. Благодарение на оваа механика, мултиплеер мечовите знаат да бидат значително поразлични и понепредвидливи, константно вршејќи притисок врз непријателските играчи, дали со стратешко активирање божји моќи, дали со поставување и бранење светско чудо.

На Steam, Age of Mythology: Retold има 91% позитивни рецензии, засновани на мислењето на 5000 играчи.

Би било штета да не го пофалиме и аудио одделот во играта. Музичката подлога е преубава, особено кратките аудио звуци кои суптилно ве известуваат за најразлични работи, како создадена единица, извршен настан и слично. Кога ќе се земат сите аспекти во предвид, Age of Mythology: Retold е преубав римејк на кој е посветено многу време и љубов. Доколку сте фанови на стратегии во реално време, особено на Age of серијалот, тогаш топло препорачуваме да ја проверите Age of Mythology: Retold, игра која ем не е скапа (30 евра), ем е и достапна преку Game Pass претплата.

Age of Mythology: Retold основна верзија или премиум?

Краткиот одговор: Премиум!

Покрај основната верзија на Age of Mythology: Retold, ја имате на располагање и премиум верзијата. Age of Mythology: Retold Premium отклучува нов пакет од божји моќи, портред слики од оригиналната игра, како и цели две експанзии.

Нема никакво двоумење, премиум верзијата воведува значително повеќе значајни содржини и тоа е едицијата која би ви препорачале да ја проверите!

Повеќе детали за играта

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.5
  • Приказна: 9
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 10
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments