Hitlancer е македонска платформа чија цел за почеток е да стане омилена платформа на локалните фриленсери, а потоа и да го освои светскиот пазар. Сервисот, кој официјално ќе биде претставен во среда на 25-ти февруари, не е наменет да биде замена за останатите фриленс сервиси кои веќе се користат, пример Odesk или Elance. Идејата е да коегзистира со платформите кои веќе ги користите. Но, тоа може да биде најголемиот предизвик на новиот Hitlancer. Поголемите фриленс сервиси имаат веќе соработки со куп компании што на фриленсерите им ја олеснува да најдат клиенти, и да не заборавиме дека странските клиенти плаќаат повеќе од македонските. Hitlancer ќе треба да претстави нешто интересно на својата промоција за да им го сврти умот на македонските фриленсери кои живеаат од вакви сервиси.
Hitlancer е претставувен како онлајн платформа „која што овозможува поврзување на компании или креатори на проекти кои се во потрага по лица со одредени знаења и вештини“. Од тоа што може да се забележи на сајтот, барем за почеток платформата нуди неколку категории: развој на веб-апликации, развој на софтвер, дизајн и мултимедиа, интернeт маркетинг, внесување на податоци и административна поддршка, бизнис и правни услуги или превод и пишување. Дел од категориите како „превод и пишување“ можеби покажуваат зошто и кој најмногу би имал интерес за Hitlancer.
Hitlancer е поддржан од Американската Амбасада во Скопје и US State Department, како и Summer Work and Travel Alumini – Македонија во чија стартап академија беше креиран проектот.