(Oва е гостински пост на NewMan’s Bussines Accelerator, кои се локалните партнери на технолошкиот предизвик на NASA)
NASA Space Apps Challenge e глобален предизвик за сите креативни и иновативни умови кои сакаат да го подобрат животот на планетата Земја и да ѝ помогнат на NASA во истражување на Вселената. На дводневниот хакатон, кој ќе се одржи од 22-ри до 24-ти април во Скопје, Охрид, Битола и Тетово, се поканети сите технолози, научници, дизајнери, програмери, артисти, претприемачи и студенти.
Но, што е потребно да се биде победник на еден ваков уникатен предизвик? Разговараме со ланскиот победнички тим чија љубов кон Вселената се проширува и надвор од натпреварот; тие се и членови на Кумановскиот астрономски клуб „Кокино“. Победничкиот тим е составен од Бобан Поповски, наставник по информатика и лидер на тимот; Лидија Поповска, наставник по информатика, веб девелопер и графички дизајнер; Мартин Страхиловски кој е системски инжинер и софтверски експерт во тимот; Милош Младеновски кој работеше на симулатори за лансирање на ракети во Вселената; и Никола Суботиќ и Бобан Митовски кои беа задолжени за истражување во врска со проектот.
„Нашиот тим работеше на доста интересен предизвик, предизвик на иднината – Print your own space food. Се фокусиравме на креирање 3D Food Printer кој би можел да се испринта било каква храна во било кое време. Ова го одбравме затоа што сите знаеме дека NASA, но и нашата земја планета има огромен проблем со недостиг на храна. Астронаутите имаат сериозен проблем со нивната исхрана, со начинот на складирање на храна, недостаток на витамини, разновидна храна и достава на храна. И како најзастрашувачко нешто што допрва следи, тоа е светскиот глад. Со имплементација на комбинирање на нашите знаења од хардвер и софтвер креиравме прототип за 3Д принтање на храна во Вселената, а воедно и на Земјата. Креиравме веб страна, прототип на нашиот принтер, софтвер и сѐ тоа го складиравме во една целина. Со нашиот 3D принтер за храна решаваме многу бројни проблеми на астронаутите, но и во нашата планета“.
За тимот од Куманово NASA Space Apps Challenge претставуваше вистински предизвик на кој освен што работеа на својот футуристички проект, научија како тимски да се организираат и како за 48 часа да ја реализираат идејата.
„После 12 часа напорна работа, неспиењето и исцрпеноста е првата препрека. Кога ќе видиш што се имаш сработено и уште колку ти фали од проектот, ќе почнеш да се бориш со желба за спиење и работа. Другата препрека беше што вториот ден кога конечно мислевме дека сме готови, тимот што беше сместен до нас сосема случајно ни го исклучија доводот на струја од продолжниот кабел на кој ни беа приклучени сите наши компјутери и останавме без голем дел од сработеното и откато на момент помисливме дека конечно ќе одмориме, моравме повторно цела ноќ да продолжиме со работа“.
Според нив, за учество на глобалниот хакатон најважно е да се има добра идеја и поставена цел. „Идејата треба да биде уникатна“, велат тие. Но, потоа е потребно да се има добар тим и да се испланира како стратешки да се стигне до целта. Следи упорноста и напорната работа за да се оствари проектот. „Ни беше особена чест и задоволство да работиме и бидеме дел од ваков организиран натпревар. Организацијата од страна на акселераторот New Man’s Business беше перфектна како и самата атмосфера во Телеком каде што бевме сместени во нивните простории. 48 часа работевме напорно на еден од предизвиците што ги имаше поставено NASA и со големо возбудување го презентиравме сработеното знаејќи дека презентирањето на проектите беа стримувани во NASA“.
Тоа што го нуди NASA Space Apps Challenge е шанса да се учествува на еден глобален натпревар. Но, хакатонот од 48 часа е само подлога да се лансираат проектите. Работата на нив мора да продолжи.
„Ова е доста голем проект на глобално ниво, вакво нешто уште нема никој реализирано, би сакале да сме први во тоа. Секако дека тука не застануваме, и понатаму размислуваме на усовршување и целосната имплементација на 3D food printer“, велат ланските победници. „Разговаравме со искусни технолози од прехрамбената индустрија и имавме позитивни критики за нашата идеја. Сѐ уште сме во контакт и соработуваме со нив. Дури ни понудија и помош во врска со снабдување на некои потребни состојки (природни минерали, витамини и протеини). Размислуваме да го реализираме целосно овој проект но наидуваме на голем проблем а тоа се финансиите кои ни се потребни за негова реализација“.