Денеска е меѓународниот ден на жените, денот кога се одбележува борбата за рамноправноста помеѓу половите и ден кога се величи храброста, истрајноста, интелигенцијата и решителноста на жените! Една уметничка форма во која доаѓаат до израз сите овие квалитети е во гејминг индустријата, а она што следи се најдобрите игри со женски хероини, наслови кои сведочат за нивната сила и непоколеблива воља да се исполнат замислените цели!
Horizon Zero Dawn
Алој е олицетворение на константната борба за рамноправност. Уште од мали нозе, девојчето се бори за сенката под сонцето, да биде прифатена од општеството, а потоа и да биде почитувана од него, за да на крај стане страв и трепет на секого што ќе се осмели да и застане на патот.
Hellblade: Senua’s Sacrifice
Една од најреволуционерните видео игри, со уникатна и трогателна приказна за внатрешните борби во умот на една длабоко истрауматизирана жена. Hellblade ќе ви покаже вознемирувачко патешествие растргнато од психози, заблуди и халуцинации и како да се дојде до конечно помирување со незамисливото.
The Last of Us Part II
Ако некоја игра сведочи за истрајноста и решителноста на жените како и надчовечката сила која е потребна за да се оствари ултимативната цел за освета, тоа е The Last of Us, part II. Ели прикажува лепеза од емоции кои ќе ги замолчат и најтврдокорните шовинисти.
Life is Strange
Феноменален серијал кој сведочи за тежината која се наметнува со полнолетсвото и цената која се плаќа доколку се донесат погрешните избори.
Mirror’s Edge Catalyst
Навлезете во футуристички свет каде Фејт ќе се потруди да стави крај на тоталитарен режим и ќе пробуди надеж за еден нов свет полн со храброст, знаење и вештини кои произлегуваат од флуидното движење низ зградите.
Returnal
Феноменална roguelike игра каде Селин умира одново и одново само за да биде вратена во животот и да продолжи со поразителното и непродуктивно напредување. Но, полека но сигурно, секој чекор станува чекор поблиску до целта, а планетата која се закануваше да ве голтне одеднаш станува ваше креативно игралиште.
Mass Effect 2
Од една страна, тоа што Mass Effect серијалот ви дозволува да играте со машки или женски лик дава одлична лекција за рамноправноста на половите и сведочи дека жените се подеднакво добри лидери кои не потклекнуваат на бројните облици на опасноста.
Beyond: Two Souls
Неверојатна приказна за животот на едно невообичаено девојче со уште поневообичаен пријател, приказна за нејзината борба да се докаже на светот само за да, на крај, е принудена да се спротистави на сите.
Tomb Raider
Долгогодишен симбол за квалитетни видео игри со женска хероина која се смее во лицето на опасноста и неуморно се прикрадува, пука, трча, решава загатки и истражува гробници.
Тоа беше нашата листа од најдобрите женски хероини, симболи на храброста, истрајноста и решителноста, испирација за уништување на застарените догми и издвојување ултимативна победа за рамноправност. Каде и да сте, што и да правите, сигурни сме дека сте опкружени со уште подобри идоли во вистинскиот живот! Денеска не играјте некоја од овие игри. Денеска, поминете го денот со жените од вашиот живот! Пружете им поддршка и покажете и дека ги цените!