Францускиот парламент во вториот обид со 296 гласа за, наспроти 233 против, го изгласа контроверзниот закон „Création et Internet“. Со овој закон се предвидува исклучување од интернет на кориснците кои симнуваат или закачуваат пиратска содржина на интернет, содржина која ги прекршува авторските права. Со законот се предвидува дека секој кој ќе биде фатен дека споделува пиратска содржина, ќе добие официјално предупредување. Ако продолжи ќе добие уште едно. Третиот пат ќе биде исклучен од интернет, односно корисникот ќе нема пристап до интернет.
Зошто е овој закон важен за сите нас?
Од јануари до сега гледаме сериозна борба на музичката и филмската индустрија да се избори со пиратеријата и тоа со закони и казни. Сега за сега индустријата победува, The Pirate Bay ги чека казна, Mininova е на суд, а во моментот поттикнати од „Création et Internet“ британската музичка асоцијација притиска овој закон да се воведе и во Британија.
Законот кој во Франција беше прво одбиен од парламентот, па сега повторно вратен, може да постави пример за борба против пиратеријата. Очигледно дека музичката и филмската индустрија го поддржуваат законот.
Ако се покаже дека е ефикасен, тогаш поттикнат од успехот тој закон може да стане стандард во Европа за борба против пиратеријата. Ако е во Европа, тогаш може да биде и кај нас.
Сепак, ова е само почетокот на дебатата. Франција го изгласа законот, но Европскиот парламент со мнозинство донесе амандман со кој исклучувањето од интернет мора да биде поддржано со судска одлука.
Францускиот „Création et Internet“ подразбира поставување на административната група HADOPI која ќе биде одговорна за исклучувањето. Со тоа францускиот закон е контра европскиот бидејќи HADOPI не е правно тело. Ова може да ги продожи разговорите за значајните телеком реформи во ЕУ.
Надополнето 11.06.2009: Исклучувањето не е според уставот
Францускиот уставен суд не дозволува новата државна агенција HADOPI (Higher Authority for the Distribution of Works and the Protection of Copyright on the Internet) да ги исклучува корисниците кои ќе споделуваат пиратска содржина, туку таа агенција ќе поднесува поплаки, а судот ќе биде тој што ќе одлучи дали или не некој ќе се исклучи од интернет.
За судот неколку делови од „Création et Internet" се противуставни. Еден дел од законот е што пиратите ќе продолжат да плаќаат за интернет и откако ќе бидат исклучени.
„Оваа моќ може да ги ограничи човечките права да се изразуваат и да комуницираат слободно“ се вели во одлуката на францускиот уставен суд.
Оваа одлука на францускиот суд е слична со одлуката на Европската унија, односно парламентот кој неодамна одлучи дека интернетот е човечко право и дека одлуката за исклучување на корисниците-пирати може да ја донесе само суд, а не државна агенција.
„Création et Internet" останува, но со ова одлука од уставниот суд барем се вратија правата на француските корисници, односно тргната е потенцијалната контрола на државата врз интернетот и корисниците.






