{mosimage}Собранието на Македонија вчера го објави својот нов веб сајт кој е далеку посовремен од претходната верзија. Сега на сајтот можат да се пронајдат повеќе содржини и интерактивни сервери, на пример граѓаните можат да поднесуваат барања, како и да го разгледаат собранието преку виртуелни тури, што значи дека сега ќе може да видиме на какви фотељи седат парламентарците. :-)
Нормално прво што направив е да ги разгледам виртуелните тури низ собранието. Второ ги читнав стенограмите од седниците. Тоа и е најинтересното нешто на сајтот, сите документи се достапни за секој. Не само стенограми, туку и закони, обраќања, говори итн итн. Додатно ако тоа ве буни и не знаете кој што работи верувам дека ќе најдете информации за тоа како работи парламентот, кој какви должности има и слично…
{mosimage}
Искрено не разгледав сé, сепак е собрание и текстовите можат да бидат доста досадни напишани со административен јазик, ама одлично е што сега ќе знам кој пратеник да го побарам за одредени работи. Мислам дека тоа е и проблем за многу луѓе кои сакаат да поднесат предлог до собранието преку сајтот.
Менито „Граѓани“ е новина и добро нешто за „отворен“ парламент, само што кога кликнав на делот за граѓаните ме пречека текст „Согласно Деловникот, амандман може да поднесе секој пратеник, работно тело, Владата и најмалку 10.000 избирачи“. Не пишува граѓанин? Уште повеќе ме збуни делот подолу – „Дел од деловникот кој се однесува на поднесување на предлози“ со членови и амандмани и што ти не друго. Како и да е, го „прочитав“ деловникот и сега треба да испратам предлог, но наидов на уште амандмани…
{mosimage}
Некој успеал да се справи со тоа и пратил предлози, иако со грешки, делот за амандманот и образложението често се исти во суштина. Сепак кога ќе прејдете преку амандман на ова и амандман на она, всушност има што да се прочита и верувам дека луѓето имаат што да кажат. Од друга страна можеби ова е некоја вид заштита од „троловите“ (ИТ збор за луѓе кои само сакаат да се расправаат по блоговите и слично, без да имаат што да кажат), но тие се неизбежни.
Можеби се работи за Собрание на Македонија, висока институција, ама интернетот е алатка достапна за сите, зошто да не бидат поедноставни текстовите и начинот на комуникација меѓу граѓаните и пратениците. Пример, Whitehouse.gov.
Само две нешта недостасуваат за вистински Парламент 2.0 – блог и RSS. Блоговите се одлична можност граѓаните да се запознаат со парламентарците, но и без тоа се може. Но без RSS? Сигурно нема да ја ставам страната како почетна за да проверувам што се случува во парламентот. Постои е-весник кој ќе ви стига на вашиот е-маил, ама имам искуство со Службениот весник на РМ, кој исто така нема RSS, и кој го добивам на е-маил
маркиран како „спам“ пошта.
Се најави и дека седниците ќе се пренесуваат онлајн преку сајтот во април кога ќе започне и е-парламентот т.е целата документација со која се расправаат парламентарците ќе оди преку електронски пат, што го прави овој проект не само „2.0“ туку и „зелен“, ќе се штеди хартија. Е-парламентот ќе има посебен систем кој ќе овозможи на парламентарците да поднесуваат потписи со користење на ПИН, систем кој според изработувачот на проектот Nextsense, е сличен на системот за кредитните картички. Ако ПИН-от се изгуби истиот се блокира.
Иако е корисен и добро дизајниран сајт, сепак комуникацијата граѓанин-парламент е сеуште комплицирана. Модерниот интернет не е архива со илјадници документи, туку интерактивна алатка. Од друга страна, барем ја има во некоја „административна“ форма и е достапна на секој. Исто така фали уште содржина, но само ден помина од објавувањето така да некои делови сигурно ќе се пополнат. Пример: делот за ЕУ покажува само мапа на Европа. Точно, не сме во Европа, ама не верувам дека тоа е причината. :) Во секој случај новиот Sobranie.mk е добар сајт и корисна алатка.
Надополнето: 09.07.2009:
Пребарувајќи низ новиот сајт на Собранието на РМ, ја забележав опцијата „Собрание во живо“. Таа опција овозможува да го следите седниците на Собранието преку „интернет ТВ“. Проблем е што нема опција за паузирање и други опции за контрола на видеото, но барем има распоред што и како е закажано на дневниот ред на Собранието. И не само тоа, туку документите можат да се симнат и да се прочитаат.
Со Sobranie.mk навистина наликуваме на е-Држава. Сајтот е интерактивен и преполн со информации, а сега има и видео. Многу подобро него следење Собрание на ТВ, нели?
{mosimage}






