Mythwrecked: Ambrosia Island е игра која ни доаѓа од Polygon Treehouse – талентираното студио кое е најдобро познато по критички-признаената Röki. Се работи за една прекрасна и невообичаена авантура во која имате за задача да се дружите со грчките богови и да ја откриете мистеријата побрзана со губбењето на нивните сеќавања.


Првото нешто што го забележавме во Mythwrecked: Ambrosia Island е тоа дека играта е замислена да се игра со контролер. Многу вибрации и пулсирања, како и самото контролирање на ликот низ светот е значително подобро со квалитетен контролер, отколку тастатура и глувче.
Во Mythwrecked: Ambrosia Island играте со младата Алекс. Преплавена од секојдневни работни обврски, девојката конечно решава да отиде на заслужениот одмор. Арно ама, додека е на бродот, проблематично невреме допринесува да се изгуби девојката и да се најде на чудно место – дом на боговите од грчката митологија. Немајќи друг избор, девојката почнува да се дружи со невообичаените жители, трудејќи се да ги обнови нивните сеќавања.

Приказната и дијалозите се внимателно напишани. Иако нема актери кои ги позајмуваат гласовите на ликовите, освен испуштањето кратки воздишки, ни се допаѓа тоа што некои зборови од речениците се напишани во курзив, некои се здебелени, а некои се анимирани да вибрираат, сигнализирајќи на кои зборови да посветите поголемо внимани и како да ги прочитате во главата – едноставна механика, но моќно реализирана.
Музиката се менува во зависност од локацијата во која се наоѓате. Сите песни се замислени да ве вовлечат во еден вид релаксирачки транс и да пружат услови за целосно потопување во мистериозниот свет. Светот е огромен и внимателно осмислен, пополнет со многу предмети, суштества и ликови кои се препознатливи за древното доба поврзано со грчката историја и митологија. Покрај ова, на моменти наидувате и на мистична, но напредна технологија која е осмислена од моќните богови, како Ambrosidex направата со која полесно се снаоѓате на островот.

Со ликовите кои ги сретнувате обично можете да правите неколку работи: да разговарате за одредени ситуации кои сте ги откриле преку интеракција со одредени предмети, да понудите предмет и, со тоа, да се започнете обновување на сеќавањата.
Во сржтта, Mythwrecked: Ambrosia Island е игра чии клучни механики се тесно врзани со истражување на светот и развивање значајни односи. Овие две работи не би биле ни приближно добри без здрава доза од загатки. Па така, често ќе биде потребно да се пронајдете некоја тајна врата, да решите мистериозен механизам, да видите кој предмет какво сеќавање би можел да разбуди, и слично. Паралелно со ова, некои разговори се заклучени се додека не развиете доволно цврсто пријателство.
Исто така, времето во денот игра огромна улога. Имено, одредени локации може да станат достапни само во одреден дел од денот. На сличен начин, и одредени загатки можат да се решат само доколку се наоѓате во соодветно време во денот. На овој начин, Мythwrecked: Ambrosia Island станува повеќе од релаксирачка игра, барајќи од вас да мислите каде одите и што правите, како и да експериментирате со одредени работи за да можете да извлечете максимум од секоја дадена ситуација.

Mythwrecked: Ambrosia Island е прекрасна и квалитетна игра која комотно може да стои раме до раме со Röki. Се работи за комплексно интерактивно остварување кое ќе знае како да ве вовлече во преубавиот свет, но ќе знае и како да ве замисли со некои од загатките. Во случај да уживате во наративни игри со харизматични ликови кои откриваат дополнителни слоеви преку решавање загатки, тогаш Mythwrecked: Ambrosia Island е игра која би требало да ја проверите!




Повеќе детали за играта
- Произведува: Polygon Treehouse
- Издава: Whitethorn Games
- Жанр: авантура
- Платформа: PC
- Излезе на: 5 декември 2024