Mozilla наскоро ќе започне да прикажува реклами во својот прелистувач. Рекламите ќе дојдат на новиот таб на Firefox каде дел од табовите ќе бидат спонзорирани. Компанијата ги соопшти своите планови на годинешната IAB средба. Идејата на Mozilla е да им прикаже повеќе страни на корисниците кои за прв пат го користат нивниот пребарувач. Рекламите и сајтовите кои ќе бидат поставени во полињата, ќе бидат дел од популарните сајтови базирани на локацијата на корисникот, дел ќе бидат од екосистемот на Mozilla, а дел ќе бидат понудени од партнерите на компанијата. Реклами ќе им помогнат на новите корисници да пронајдат нови интересни локации, а компанијата ќе заработи од нив. Спонзорираните резултати ќе бидат одбележани и корисниците ќе можат да забележат дека станува збор за реклами.
„Новиот програм на кој работиме е Directory Tiles и е дизајниран да го подобри искуството на корисниците кои за прв пат го стартуваат Firefox“, објаснува Дарен Херман на блогот на Mozilla.
Можноста за заработката од рекламите е значителна бидејќи компанијата само во САД регистрира 100 милијарди отворени полиња, но барем во почеток рекламите ќе доаѓаат единствено при првото стартување на Firefox. Бројката на нови корисници на пребарувачот е околу 31 милиони месечо.
„Возбудени сме за Directory Tiles, поради тоа што има вредност за сите корисници, во согласност е со нашата визија за подобар интернет преку доверба и транспарентност и ѝ помага на Mozilla да биде поразноврсна и одржлива. Засега планот е сеуште во изработка, а ги започнуваме разговорите со нашите партнери за можностите. Directory Tiles ќе биде достапен до корисниците кога ќе бидеме сигурни дека имаме добро корисничко искуство“.








