Министерството за информатичко општество сега ќе ја води и јавната администрација, бидејќи МИО работи на реформирање на администрацијата, односно модернизирање на администрацијата со цел да се поврзе истата преку интернет и да се намали административното малтретирање, во смисла на поефикасна работа и поедноставно завршување на работа со документи, за администрацијата и за граѓаните.
„Администрацијата се трансформира од регулаторно-ориентирана администрација во администрација ориентирана кон услуги, што во целост ќе се вклопи во ЕУ администрацијата.“, вели ИТ, сега и за администрација, министерот Иво Ивановски.
Според ИТ министерот Ивановски, реформите ќе го подобрат квалитетот за граѓаните со подобри и поедноставни постапки со нови ИТ решенија, ќе се поедностави системот за јавни финансии, полесен пристап до информации од јавен карактер, со што се подобрува транспарентноста и се спречува на корупција, спроведување на ЕУ препораки…
Во теорија ваквите реформи на администрацијата се повеќе од потребни. Сите сме дремеле на шалтери и шетале од администрација до друга во барање и вадење куп различни документи. Факт е дека тоа треба да се смени.
Но, проблем може да биде праксата и како ќе биде спроведена реформата да даде конкретни резултати. Веќе подолго време во Македонија се прават разни ИТ реформи. Пример, ИТ реформи во образованието донесоа компјутери за секој ученик, до обука на професорите, и наоѓање соодветни ИТ решенија и стартување нови сервиси. Но, во реалноста тие се уште не функционираат како што треба. А сега се работи за една огромна администрација која што од една страна поголемиот дел е партизирана, која се менува секоја влада, и од друга, треба да се справува со куп информации од други места, што значи ќе биде потребна обука и пракса за целата јавна администрација.
Oд април сите институции ќе мора да донесат регистар на вработени, за од јули да се одреди бројот на администрацијата и да започне со анализи за спроведување на соодветните реформи.







