MIO: Memories in Orbit е прекрасна игра, освежувачки наслов кој ќе успее максимално да доминира во метроидванија жанрот. Комбинирајќи ја препознатливата формула на истражување и акција со длабоко стилизирана естетика, чедото на Douze Dixièmes ве става во улога на андроидот МИО и ви наметнува задача да ја спасите технолошката руина од целосен колапс. Она што ќе пронајдете е деликатен и крајно кршлив свет кој крие слоеви од впечатливо и комплексно искуство каде прецизноста, брзината и стратешкото размислување се на иста бранова должина и бараат неподелено внимание.

Свет исполнет со тајни кои преколнуваат да бидат откриени
MIO: Memories in Orbit е значајна игра од неколку клучни аспекти, почнувајќи со системот за прилагодување и надградба на карактерот, нешто што, за брзо време ќе забележите, претставува клучен слој на гејмплејот. Наместо едноставно отклучување нови моќи, играта имплементира длабок систем на модификатори кои, за возврат, овозможуваат персонализирање на стилот на игра. Имено, со собирање компоненти од уништените непријатели, можете да ги засилувате способностите на МИО.

Системот со модификатори ве поставува во незавидни ситуации бидејќи нуди стратешки дилеми. Па така, ќе бидете принудени да размислувате како да ги користите алатките и можностите кои ви стојат на располагање. На пример, куката за качување може да се користи како смртоносно ласо за напад, но и како алатка за брзо избегнување. Од друга страна, потребно е да извагате и пресечете дали да се жртвува дефанзивниот штит во корист на поголема офанзивна моќ. Ваквата флексибилност овозможува да си го скроите андроидот според сопствените преференции, правејќи ја прогресијата да се чувствува лична и значајна.

Гејмплејот во MIO: Memories in Orbit се потпира и на флуидноста и на ритамот. Движењето низ огромниот лавиринт бара добра меморија, брзи рефлекси и користење способности како воздушно лебдење, качување по ѕидови и употреба на кука за прифаќање и вертикално напредување. Покрај тоа што алаткиве служат за навигација низ платформаските секвенци, истите играат и интегрален дел од борбениот систем. За да ве предизвика како што е редот, МИО ќе ве соочи со над 30 различни непријателски единици и 15 масивни босови. Секој од нив поседува уникатни шеми на движење и напад, барајќи од вас внимателно да ги приучувате нивните офанзивни и дефанзивни механики и константно да се адаптирате на ситуацијата на теренот.

MIO: Memories in Orbit не се одликува само со преубав свет вреден за истражување и предизвикувачки битки. Тие две клучни точки се мајстроски испреплетени со впечатлива приказна која се одвива во остатоците на некогаш функционалната арка. Нејзините чувари со вештачка интелигенција, познати како Pearls, престанале да функционираат, наметнувајќи ви задача ем да го спасите бродот од целосно исклучување, ем да ги истражите мемориските банки за да ја откриете вистината за минатото. Движејќи се низ огромното место, ќе стапувате во интеракција со околината и ќе поправате други оштетени роботи, отклучувајќи, притоа, делови од историјата на бродот и создавајќи слика за трагичниот пад на оваа цивилизација. Нема да можете, а да не гледате на околината како на еден жив организам со сопствен екосистем, дополнително засилувајќи ја атмосферата на изолација и откритие.
Визуелно, насловот е вистински спектакл и празник за очите. Графичкиот стил црпи инспирација од комбинација на аниме естетика, стрипови и класично сликарство, создавајќи пејзажи кои се богати со детали и уметнички куриозитети. Овој визуелен идентитет е придружен од динамична музичка подлога која спојува ло-фај ритми со хорски мелодии. Ваквата несекојдневна аудио-визуелна симбиоза успешно ја пренесува атмосферата на распаѓање и убавина, правејќи истражувањето на секој нов сектор од бродот да биде вистинско естетско доживување.

Хипнотизирачката атмосфера која сакате да ја гушнете со сите сетила
MIO: Memories in Orbit е прекрасна игра која ќе остане со вас долго откако ќе престанете да ја играте. Со акцент на креативната слобода во борбата, хируршки прецизните контроли и густата атмосфера, Douze Dixièmes и Focus Entertainment се имаат погрижено да понудат целосен пакет на интерактивна забава, нудејќи длабоко имерзивно искуство за сите фановите на акционите авантури. Доколку сте фанови на метроидванија, тогаш си должите себеси да ја проверите играта и да видите како изгледа следниот еволутивен чекор во овој жанр.











