До вчера беа само профили со многу следачи и лајкови, а од март годинава стануваат законски субјекти. Ако имате над 10.000 следбеници на Инстаграм, ТикТок или Јутјуб и редовно објавувате содржина, државата веќе не ве гледа како „само инфлуенсер“, туку како медиум. И тоа не е метафора, туку сега веќе и законска дефиниција и обврска. До март мора да се регистрирате во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), во спротивно – ве чека прекршочна пријава. За многумина, ова доаѓа како ладен туш: од креативна слобода, директно во административна обврска.
Иако од АВМУ во изминатите месеци испратија повеќе повици и опомени, одѕивот е речиси симболичен. Досега, само седум лица уредно ја завршиле обврската, иако бројот на инфлуенсери во Македонија е далеку поголем.
Како инфлуенсерите станаа медиуми
Измените во медиумската легислатива беа усвоени во јуни 2023 година. За првпат, државата официјално го призна постоењето и влијанието на инфлуенсерите – но и ги стави под регулаторна капа. Со тоа, тие влегоа во истата правна рамка што важи и за класичните медиуми.
Според законот, задолжителната регистрација важи за сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои: имаат над 10.000 следбеници или претплатници, остваруваат економски интерес од медиумската услуга, или во последните 12 месеци имаат објавено најмалку 24 аудиовизуелни содржини.
Тоа значи дека регулативата не ги таргетира само најголемите ѕвезди, туку и оние што постепено градат публика и приходи.

Во ЕУ не постои унифициран закон за контрола и регулација на инфлуенсерите. Наместо тоа, тие се регулираат преку повеќе законски акти – од заштита на потрошувачите, до медиумска транспарентност и рекламирање. Целта на ваквото нешто е јасна, а таа е граѓаните да не бидат манипулирани или измамени.
И во Македонија, формално, логиката е иста. Но во пракса, реакциите покажуваат дека инфлуенсерите повеќе ја чувствуваат регулацијата како товар, отколку како заштита.
„Во маaло, ова го викаа рекет“
Инфлуенсерот Стефан Лазаров јавно реагираше на новите обврски, со прашања што ги споделуваат и многумина други од сцената.
Во стори на Инстаграм, тој напиша дека веќе плаќа 10% персонален данок, 18% ДДВ ако е обврзник, додека Јутјуб зема околу 40% од приходите. ТикТок и Инстаграм, пак, не нудат директна можност за заработка. Во таа равенка, дополнителните 0,5% што ги бара АВМУ изгледаат како уште една давачка без јасен бенефит.
„АВМУ одлучува дека сме медиум и притоа сака да наплати 0,5%, а ние немаме никаков бенефит од нив. Значи ние работиме на социјални мрежи кои не се ни македонски. Зошто тогаш да плаќаме 0.5% и дали сме сигурни дека ќе остане на толку?????“, напиша Лазаров.
Дополнително, тој прашува што се случува кога физичко лице со сопствен профил станува медиум, и дали со тоа му се ограничува правото на слободно изразување. „Што ако сакам да изрекламирам од кејф? Како ќе ги поддржиме малите бизниси ако не сме наплатиле? Во маало, вакви работи ги викаа рекет“, вели тој.
Без доверба, регулацијата ќе се доживува како притисок
Комуникологот Бојан Кордалов смета дека регулацијата сама по себе не е проблем, туку начинот на кој се воведува и комуницира. Истовремено, регулацијата на инфлуенсерството може да биде основа и за развој на многу сериозна заедница на влијателни луѓе кои заработуваат преку дигиталните медиуми.
„Регулацијата е важна во демократските општества затоа што таа дава сигурност и предвидливост за сите граѓани, компании и организации. Ако е правилно поставена, таа е основа за еднакви можности, заштита на децата, човековите права и достоинството“, вели Кордалов за IT.mk.
Според него, инфлуенсерството може да прерасне во сериозна и одржлива индустрија, но само ако се изгради доверба. „Прво и основно е да се изгради доверба на релација помеѓу институциите, инфлуенсерите и компаниите дека целта на ваква мерка е повеќе можности за секој од чинителите, а не едноставно желба за повеќе оданочување или згаснување на една цела индустрија која, инаку, на светско ниво е во огромен подем“, додава тој.
Кордалов посочува дека регулацијата мора да оди паралелно со поддршка. „Втората неопходна работа е да се изградат стимулативни мерки за финансиска и друга поддршка на инфлуенсерите, особено на оние кои носат свеж капитал и приходи од странство во земјата“.
Третиот столб, според него, се компаниите и агенциите. „Ако целта, меѓу другото, е оданочување на заработката на интернет промоциите, а најголем дел од приходите на инфлуенсерите оди во соработка со македонските компании, тогаш едноставно персоналниот данок е потребно да се осигура дека се исплаќа согласно постоечката законска рамка и пракса, односно при исплатата на хонорарот за објавени онлајн медиумски производи“.







