Microsoft е заинтересиран за купување на Discord, компанијата за платформата за видео, текст и аудио разговори би можела да плати 10 милијарди долари. Преговорите за потенцијалниот договор ги води Фил Спенсер кој е шеф на Xbox.
За Discord во минатото беа заинтересирани и Epic Games и Amazon, но платформата повеќе би сакала да излезе на берзата отколку да влезе во ваква зделка. Сепак неименуван извод од Discord ги потврди шпекулациите за VentureBeat. Минатата година во декември Discord успеа да собере над 100 милиони долари и беше проценет на 7 милијарди долари.
Microsoft е подготвен да исплати олкава сума главно поради корисниците на платформата. Компанијата со ова ќе добие страсна заедница од околу 130 милиони гејмери кои секој месец се собираат да разговараат на платформата.
Discord е платформа која овозможува креирање на заедници околу некој заеднички интерес. Без разлика дали интересот е софтвер, јога, некоја комедија, или заедничко играње. Користењето е бесплатно за корисниците, иако има и претплата кои додаваат екстра функционалности. На пример за 10 долари претплатниците добиваат повисока резолуција на екраните кои се споделуваат, стикери, прикачување на поголеми фајлови и слично.
Вистинската вредност на Discord е во заедницата која ги поврзува играчите помеѓу себе, но и играчите со видеоигрите и компаниите кои ги развиваат. За Microsoft ова е одлична можност да ги прошири услугите кои им ги нуди на гејмерите. Компанијата последниве неколку години има неколку инвестиции во гејминг. Пред неколку месеци ги купија ZeniMax – креаторите на Elder Scrolls, Doom, Fallout (новите) и Quake франшизите. Претходно инвестираа во неколку студија, помеѓу кои Ninja Theory, Playground Games, Undead Labs, Compulsion Games и Obsidian. Уште пред ова дел од Microsoft е Minecraft.
Засега Discord и Microsoft не излегуваат со официјална потврда или демант на вестите за преговорите.