Metal Eden: Синтеза на брутална брзина и киберпанк естетика

во гејминг

Нема никакво сомневање дека полското студио Reikon Games остави длабока трага со својот култен изометриски наслов Ruiner, игра која беше прославена поради својата некомпромисна тежина, уникатен визуелен идентитет и пулсирачки електронски саундтрак. Со нивниот најнов, штотуку излезен проект, Metal Eden, студиото прави храбар и амбициозен чекор, транзитирајќи од изометриската перспектива кон адреналинскиот свет на FPS игрите. Ова се покажа како одлична одлука затоа што Metal Eden нуди незаборавно искуство кое ги спојува стилската киберпанк визија и ултра-брзата акција, надминувајќи ја сенката на постариот брат и внесувајќи релаксирачка свежина во ионака презаситениот FPS жанр.

Амбициозниот скок на Reikon Games во светот на FPS игрите

По кратко одложување, Metal Eden излезе на 2 септември 2025 година за PlayStation 5, Xbox Series X|S и Windows. 

Душа во дигитален пекол

Приказната на Metal Eden е втемелена врз длабоки и провокативни трансхуманистички идеи. Во мрачната иднина, човештвото, соочено со уништувањето на Земјата, пронаоѓа спас во дигиталната трансценденција. Свеста на секој поединец е пренесена во дигитални јадра и складирана во Моебиус, колосална орбитална станица замислена како утописки рај. Меѓутоа, оваа технолошка идила се претвора во кошмар кога нешто фундаментално тргнува наопаку, претворајќи го дигиталниот рај во смртоносна стапица. 

Во ваквиот хаос, вие ја преземате улогата на HYPER UNIT ASKA, врвен борбен андроид со мисија да продре во одбраните на Моебиус, да ги спаси заробените дигитални души и да ја открие вистината зад мистериозниот проект ЕДЕН. Иако оваа премиса нуди огромен потенцијал за истражување на филозофски теми како природата на свеста и опасностите од технологијата, ова не е примарниот фокус на девелоперското студио. Нарацијата се чини како да е втурната во спореден план, дозволувајќи ви примарно да уживате во преубавите и крајно уникатни околини, како и динамичните, адреналински битки. 

Деструктивен балет

Metal Eden е игра чии гејмплеј механики целосно се засноваат на динамични и флуидни битки засновани на филозофијата дека: движењето е живот. ASKA е опремена со арсенал на акробатски способности, вклучувајќи брзо лизгање, трчање по ѕидови, кука за движење и џетпак, кои не служат само за навигација, туку се и составен дел од преживувањето.

Застанувањето дури и за момент значи сигурна смрт, што ве принудува постојано да ја користите околината за напад и одбрана. Доколку сте ја играле Mirror’s Edge, но сте сакале акцентот да е подеднакво висок на битките како и на движењето, тогаш Metal Eden би можела навистина да ви се допадне. Сепак, има одредени делови во играта каде флуидното паркор движење е прекинато од делумно ограничениот дизајн на нивоата, кои често се поделени на помали, затворени арени. 

Оваа структура го прекинува континуираниот тек на паркорот и го сведува искуството на серија од изолирани борбени средби, наместо на беспрекорно движење. Поради ваквото нешто, се чувствува раздор помеѓу фановире, при што некои препорачуваат континуирано, флуидно движење, а некои се сосема во ред од отсечниот прекин и целосниот, привремен фокус на битките. Ништо страшно, меѓутоа, затоа што битките се најсветлата и назабавната точка, особено иновативната Core Ripping механика.

Секој непријател содржи јадро кое ASKA може да го извлече со брз и брутален потег, што резултира со инстантно уништување. Вака-извлеченото јадро потоа станува моќен тактички ресурс кој може да го фрлите кон група непријатели за да предизвика разорна експлозија со голем радиус на дејство или, пак, да го апсорбира за драстично да го зајакне својот следен напад одблиску, овозможувајќи пробивање на штитовите на посилните противници.

Овој систем додава слој на стратегија кој ја трансформира секоја борба во динамична загатка, барајќи од вас брзо да одлучувате како најефикасно да го искористите секој поразен непријател. Арсеналот од седум оружја, иако скромен, нуди значајна длабочина преку системот за надградби сличен на оној во Doom Eternal, каде секое оружје добива алтернативни режими на пукање, поттикнувајќи експериментирање и брзо менување на оружјата за максимална ефикасност.

Бруталистичка убавина и звучна дисонанца

Metal Eden е изградена врз темелите на Unreal Engine 5, прикажувајќи стилизиран фотореализам кој совршено ја доловува киберпанк атмосферата. Уметничката насока се потпира на бруталистичката архитектура, со монолитни, грандиозни структури кои создаваат чувство на студенило, моќ и отуѓеност.

Контрастот помеѓу стерилните, високотехнолошки ходници на Моебиус и изгорените, распаднати пејзажи на Вулкан се прекрасно изведени, придонесувајќи многу за градење еден детален свет. Најдоброто од се е тоа што играта е квалитетно оптимизирана и за послабите компјутерски конфигурации, пружајќи релативно стабилни фрејмови и со RTX2060. 

Иако мислењето е поделено во поглед на квалитетот на дијалозите, поголемиот број на фановите се апсолутно импресионирани од саундтракот кој се издвојува со енергични електронски композиции кои совршено ја надополнуваат брзата акција и го зголемуваат адреналинот.

Metal Eden не е игра која се обидува да им се допадне на сите. Таа не нуди долга и епска авантура, ниту пак длабока и емотивна приказна. Наместо тоа, таа е концентрирано, прецизно изработено искуство кое го става целиот свој фокус на механичката извонредност и стилот. Ова е игра наменета за специфичен тип на гејмер: оној кој ужива во предизвикот на брзи и визуелно впечатливи FPS игри.

Ако сте љубител на наслови како DOOM Eternal или Ghostrunner и барате експлозивно, интензивно и пред сè, забавно искуство каде што механиката е крал, тогаш Metal Eden е апсолутна препорака. Таа е доказ дека понекогаш, совршено изведениот гејмплеј може да ги надмине сите наративни недостатоци и да понуди чисто, нефилтрирано задоволство.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Reikon Games
  • ИздаваDeep Silver
  • Жанр: акција
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезе на: 2 септември 2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk