Speed Freeks e игра која ви дозволува да навлезете длабоко во културата на орците и да дознаете дека единственото нешта што се подобри од крволочни битки се експлозивни трки. Speed Freeks претставува освежувачки пристап кон жанрот поврзан со борбени возила, нудејќи уникатно, адреналинско и хаотично искуство во кое правилата се пишуваат со бензин и крв, а целта е да се биде последниот Орк зад воланот.


Клучната цел во Speed Freeks е да се понудат високооктански трки и интензивна борба со возила. Имате контрола над широк спектар на импровизирани, но смртоносни оркски возила. Секое возило се одликува со уникатни карактеристики, арсенал на оружја и специјални способности кои можат да го променат текот на битката. Возилата се категоризираат во различни класи. Некои се замислени да бидат ефикасни во изненадувачки напади и брзи маневри, додека некои се дизајнирани да издржат голема количина на штета. Трети, пак, не се ни таму ни таму, туку сјаат во пружање поддршка. Независно од одбраната „класа“, вистинскиот предизвик лежи во совладувањето на хаотичната природа на борбите, каде што брзите рефлекси и тактичкото позиционирање се клучни за опстанок.

Warhammer 40,000: Speed Freeks нуди различни режими, трудејќи се да ги задоволи различните апетити за уништување. Kill Konvoy е режим базиран на тимска работа каде што една екипа мора да ја одбрани подвижната тврдина натоварена со оружје додека истовремено се обидува да го уништи непријателската. Deff Rally е повеќе фокусиран на класичната тркачка формула, но со оркски заплет – елиминирањето на ривалите е исто толку витално колку и првото поминување низ целта. Со неодамнешното лансирање на верзијата 1.0, воведен е и Free Roam режимот, кој ви овозможува да релаксирано да ги истражувате мапите, да ги усовршувате своите возачки вештини и да експериментирате со различните возила и оружја. Дополнително, воведени се и нови мапи како Da Dust Up и Da Gorge.

Еден од најсилните адути на Speed Freeks е неговата способност верно да го пренесе уникатниот дух и естетика на орците од Warhammer 40,000. Од визуелниот дизајн на возилата, кои изгледаат како да се склопени од остатоци, зарѓан метал и чиста оркска истрајност, па сѐ до громогласните звучни ефекти, експлозиите и сеприсутниот борбен WAAAGH!, секој елемент на играта е внимателно изработен за да го потопи играчот во оркскиот свет. Можностите за персонализација на возилата се обемни, дозволувајќи ви да ги модифицирате своите борбени машини со различни бои, делови, оружја и декоративни елементи. На овој начин, лесно можете да создадете уникатно возило кое ќе се истакнува над сите останати.

Комбинацијата од брзо возење, експлозивна борба и уникатниот оркски хумор создаваат исклучително ангажирачко искуство, особено за фановите на Warhammer 40,000 универзумот. Флуидните контроли, разновидноста на возилата и оружјата, како и длабоките опции за персонализација, дополнително придонесуваат за позитивниот впечаток. Преминот кон платен модел со отстранување на микротрансакциите дефинитивно се смета за чекор во вистинска насока, фокусирајќи се на квалитетно гејминг искуство. Додавањето на можност за креирање на приватни игри со сопствени правила и прелистувач на достапни игри значително ја подобрува социјалната компонента и можноста за организирани натпревари.

Warhammer 40,000: Speed Freeks успешно испорачува интензивно, забавно и автентично оркско искуство кое ќе ги задоволи како ветераните на Warhammer 40,000, така и новите играчи кои бараат уникатна борбена тркачка игра. Со својот неповторлив шарм, брза акција, експлозивни моменти и сега со побогата содржина и подобрен модел на дистрибуција, играта се позиционира како силен конкурент во својот жанр. Иако можеби ќе ви биде потребно малку време да се навикнете на оркскиот начин на водење војна на тркала, возбудата од брзината, задоволството од уништувањето на противниците и можноста да го ослободите вашиот внатрешен Орк го прават Speed Freeks наслов кој дефинитивно вреди да се проба.
